Специјалниот трибунал препорача да му се суди на поранешниот министер за внатрешни работи на Италија и лидер на крајнодесничарската Лига, Матео Салвини, бидејќи на негово барање во јули десетици мигранти беа држени на брод на крајбрежната стража и не им беше дозволено да се истовараат на копно.

Судии од Сицилија побараа одобрување од парламентот да ја продолжат истрагата за Салвини поради наводно киднапирање мигранти посочувајќи дека ги злоупотребил своите овластувања и лишил од слобода 13 лица.

-Под истрага затоа што ја бранев безбедноста, границите и достоинството на мојата земја, неверојатно – напиша Салвини во соопштение.

Тој истрагата ја квалификуваше како срамна.

Салвини во јули, додека беше министер за внатрешни работи, нареди мигрантите, вклучувајќи и деца, да останат на бродот на италијанската крајбрежна стража сè додека европските земји не се согласија да прифатат поголем дел од нив.