Повеќе од половината деца во светот, односно над 1,2 милијарди деца се изложени на ризик од војна, сиромаштија или полова дискриминација, се наведува во годишниот извештај на британската невладина организација „Спасете ги децата“.

Во извештајот насловен „Многуте лица на отфрлањето”, организацијата прави рејтинг на 175 земји преку индикатори за закани за децата во однос на образованието, здравството, исхраната и насилството, како неухранетост, рано забременување, недостиг на пристап до образование, детски труд, детски бракови и екстремно насилство.

Сингапур и Словенија се најдобро рангирани, по што следуваат Норвешка, Шведска и Финска. На дното на листата се десет земји од Централна и Западна Африка, при што на последното место е Нигер.

Организацијата нагласува дека „и покрај нивната економска, воена и технолошка моќ” САД (36. место), Русија (37. место) и Кина (40. место) се зад сите земји од Западна Европа на оваа листа. Македонија е рангирана на 66. место. Од регионот, пред нас се Словенија на второ, Хрватска на 28,Босна и Херцеговина на 39, Србија на 46, Бугарија на 48, Црна Гора на 53, Романија на 54, Турција на 64. Зад Македонија е Албанија, која е рангирана на 77 место.

– Фактот дека земји со слични нивоа на приходи покажале толку различни резултати покажува дека политичкиот ангажман и инвестирањето се одлучувачки- изјави генералниот директор на „Спасете ги децата” Хеле Торнинг-Шмит.

Состојбата со децата во 95 од 175 земји е подобрена од минатата година, но во 40 земји „условите значително се влошиле”.

Вкупно, повеќе од една милијарда деца живеат во земји со висока сиромаштија и 240 милиони во земји разурнати од војната. „Спасете ги децата“, исто така, забележува дека 575 милиони девојчиња живеат во општества „каде што сексистичките предрасуди се сериозен проблем”. Трите закани се присутни во 20 земји, вклучувајќи ги Авганистан, Сомалија, Јемен и Јужен Судан.

Конфликтните зони ги влошуваат проблемите: детскиот труд и принудните бракови се почести отколку во другите земји, а општото основно образование практично го нема.

Британската невладина организација ги повикува владите низ целиот свет да преземат итна акција.

– Инаку ветувањата што сите земји ги дадоа на ОН во 2015 година да овозможат на секое дете да живее, да се едуцира и да биде заштитено, нема да бидат исполнети- предупреди организацијата.