Со предложениот мировен план за Блискиот Исток американскиот претседател Доналд Трамп го навлече гневот на Палестинците, што може да се забележи и според реакциите на луѓето од регионот. Незадоволството веројатно најдобро го отсликува реакцијата на еден Палестинец кој стави чевел преку телевизискиот екран на кој беше прикажан Трамп, во текот на излагањето на неговиот предлог.

Ваквиот облик на револт кон Трамп потсети на инцидент во кој беше вклучен поранешниот американски претседател Џорџ Буш помладиот. Тој, во текот на неговиот мандат, беше цел на напад со чевел од страна на ирачкиот новинар Мунтандар ел Зеиди во 2008 година.

Ел Зеиди, по тогашната прес-конференција во Багдад, стана од столчето и најпрвин со едната, а потоа и со другата обувка, фрли по тогашниот американски претседател, кој сепак успеа да се помести навреме и да го избегне нападот. Гаѓањето со чевли се смета за голема навреда на Блискиот Исток. Х.Ј.