Како што пополека си заминува пандемијата од Европа така постепено и земјите од еврозоната се подготвуваат за спречување на можните мигрантски бранови што би се случиле во наредниот период. За таа намена, според информациите во медиумите, Брисел одвојува околу 3,1 милијарди евра за употреба на специјализирани дигитални роботски средства, кои би требало да им го отежнат патот на мигрантите доколку се обидат да влезат во Европа

Европската Унија гради дигитален штит за заштита од илегалци

Додека светот пополека се враќа во нормала од пандемијата, а луѓето сѐ повеќе почнуваат да патуваат во трети земји и непречено ги исполнуваат своите обврски, европските власти со нови технологии ги зголемуваат напорите да се спречи илегалното влегување на Стариот Континент.
Имено, повеќе земји-членки на Унијата што се локализирани на надворешните граници на еврозоната периодов тестираат нова технологија, со која граничните полициски служби на Блокот, преку употреба на „суперсонични топови за звук“ и специјални дронови, активно работат на заштита на границите од илегалното влегување на лица.
Како што пренесува германски „Дојче веле“, станува збор за безбедносна технолошка мрежа вредна 3,1 милијарди евра, која врши рана детекција на мигранти и бегалци и нивно понатамошно спречување за влез на територијата на Европа, со помош на електронски софистицирани уреди што произведуваат звук со јачина на мотор од млазен авион.
Според германскиот медиум, оваа технологија е најсофистицирана и е развиена со помош на вештачка интелегенција (ВИ), каде што таа со помош на виртуелни ботови ја чува границата на Европа под вода, на копно и во воздух, со помош на сателитски податоци.

Вештачка интелегенција за чување на границите

Автоматизирана мрежа за надзор во моментов се гради на грчко-турската граница, во должина од околу 200 км, а има за цел рано откривање мигранти и бегалци и нивно спречување да преминат на европско тло, заедно со копнените патроли, кои се опреми со рефлектори и звучни уреди со долг дострел.
– Клучните елементи на мрежата ќе бидат лансирани до крајот на годината. Нашата задача е да ги спречиме илегалните мигранти да влегуваат во земјата. Потребни ни се современа опрема и алатки за да го сториме тоа – изјави полицискиот службеник Димитрис Бистинас.
Според Ал џезира, истражувачи на универзитетите низ Европа изминатиот период, работејќи со приватни фирми, ја развиле оваа технологија за футуристичко набљудување и верификација на нелегални премини на границите, а технологијата притоа била тестирана во повеќе наврати на грчките граници. Како што наведува медиумот, тестирањето на оваа апаратура исто така било спроведено и во Унгарија, Летонија и на други места по источниот периметар на ЕУ.

Технолошката солуција настрана ОД моралните размислувања

Во меѓувреме, Ела Јакубоска од групата за дигитални права при ЕУ тврди дека претставниците на ЕУ ја прифатиле „технолошката солуција“, која ги остава настрана моралните размислувања во справувањето со миграцијата.
– Длабоко вознемирувачки е тоа што, повторно и повторно, средствата од ЕУ се влеваат во скапи технологии што се користат на начини на криминализација, експериментирање и дехуманизација на луѓето во движење – рече таа.
Инаку, протокот на миграцијата за време на пандемијата забави во многу делови на Европа, прекинувајќи го со години зголеменото илегално населување на континентот. Во Грција, на пример, бројот на пристигнати мигранти се намали од 75.000 во 2019 година на 15.700 во 2020 година, што преставува неверојатен пад за 78 проценти. Но мигрантскиот притисокот, според пишувањата на повеќе медиуми, со сигурност ќе се врати.