Борис Џонсон

Британскиот парламент денеска треба да се изјасни за предлогот на премиерот Борис Џонсон за распишување на вонредни избори. Во пресрет на гласањето, според анкетата на „Опиниум“, Конзервативната партија на Џонсон има предност од 16 бодови пред опозициската Лабуристичка партија.

Од претходната анкета спроведена пред осум дена поддршката за ториевците се зголеми за три бода, на 40 проценти, додека лабуристите останаа на 24 проценти.Проевропската Либерално-демократска партија падна за еден процент на 15 проценти, додека партијата Брегзит на Најџел Фараж на 10 проценти.

Џонсон, кого членовите на партијата го избраа во јули за да го деблокира застојотоколу брегзит, предложи одржување на избори на 12 декември, откако парламентот не го поддржа договорот за Брегзит кој го постигна со Брисел.

Пратениците денеска ќе гласаат за тоа дали ќе има предвремени избори, но повеќето опозициски партии посочија дека ќе се воздржат или гласаат против овој потег, што значи дека Џонсон веројатно нема да добие поддршка од две третини од пратениците кои му се потребни. Редовните избори во Британија треба да се одржат во 2022 година.

Две британски опозициски партии, Шкотската национална партија и Либералните демократи сакаат изборите да се одржат на 9 декември, три дена порано од предлогот на премиерот Борис Џонсон, што претставува уште еден обид да се запре излегувањето на Велика Британија од Европската Унија без договор.

Опозициските партии бараат од лидерите на ЕУ да го продолжат рокот за брегзит, најмалку до 31 јануари 2020, со цел да обезбедат повеќе време за разговори околу договорот кој го постигна Џонсон со Брисел. Џонсон порача дека ако пратениците ги одобрат изборите на 12 декември, тој ќе се обиде да го протурка брзо својот договор во парламентот.