Доналд Трамп (лево) и Барак Обама

Со „Обамагејт“, Трамп го обвини Обама и повторно се враќа на неговата омилена тактика – одвраќањето од вниманието од себе преку обвинувањето на другите

Американскиот претседател Доналд Трамп ја покрена политичката кариера преку теориите на заговор поврзани со потеклото на неговиот претходник, Барак Обама. Сега тој се обидува да ја одржи неговата претседателска кампања со помош на една друга теорија поврзана со поранешниот американски претседател, пишува американското издание на магазинот „Политико“. 

Во изминатите неколку денови, Трамп на Твитер пишуваше за непроверени тврдења според кои поранешниот претседател Барак Обама, во последните денови на функцијата, оркестрирал заговор чија цел била да му наштети на неговиот наследник. Трамп го искористи терминот „Обамагејт“ при објавувањето на неговите тврдења. „Тој беше фатен. ОБАМАГЕЈТ!“ напиша Трамп на Твитер во неделата.

Терминот стана гласен крик на Трамп, а тоа што е напишан со големи букви прави „Вотергејт“ да изгледа „помал“. Според приврзаниците на Трамп, Обама бил вмешан во обидот за „фаќање во стапица“ на Мајкл Флин, поранешниот советник за национална безбедност на Трамп, кој се изјасни за виновен во 2017 година за лажење на ФБИ. Министерството за правда минатата недела покрена постапка за отфрлање на случајот против Флин, а тоа само ја разгоре теоријата, заедно со новообјавените документи со детали за раната фаза на истрагата за Флин. 

Анти-Обама наративот е тактика што Трамп неколкупати ја користеше во текот на својата политичка кариера, а датира назад до 2011 година. Трамп тврдеше дека Обама не е американски граѓанин, туку дека е роден во Кенија, потоа дека Обама му ги прислушува телефонските разговори, па сѐ дотаму дека Обама испорачал авион полн со пари во Ирак и дека ги испразнил националните резерви. Тука беа и неоснованите обвинувања дека „Обама секако има нешто што крие, бидејќи не ја употребува фразата радикален исламски тероризам“.

Секоја од овие приказни Трамп ги користеше за да го оттргне негативното внимание од себеси, а притоа да се воздигне пред неговите следбеници. 

Твитот со „Обамагејт“ не е ништо поразлично. Тој го оттргна вниманието од стапката на смртност од коронавирусот, како и од низата случаи на заразени во Белата куќа – непобитен контрааргумент на инсистирањето на Трамп дека е безбедно работниците да се вратат на работа. Врвот на обвинувањата беше дека Обама наредил озвучување на „Трамп тауер“. Сега Трамп му додаде и суфикс „гејт“ на Обама, вмешувајќи го во теориите на заговор поврзани со вмешаноста на Русија во претседателските избори.

Некои од сојузниците на Трамп тврдат дека Обама бил дел од заговорот на ФБИ за да се измами и натера Флин да лаже за време на истрагата, во рамки на обидот да го симне следниот претседател од власт. Тие укажуваат на состанок на Овалниот кабинет на 5 јануари 2017 година, на кој Обама, Џо Бајден и поранешниот директор на ФБИ, Џејмс Коми и други, разговарале за Флин и пошироката истрага за мешањето во изборите од страна на Русија.

Најновите обвинувања на Трамп го ставаат повторно Обама во центарот на вниманието за време на неговото соочување со заканите од ковид-епидемијата, како и од падот на економијата која беше резултат на вирусот.