Што донесе самитот на најмоќните светски економии Г7

Лидерите на најмоќните светски економии Г7 на самитот во Англија заклучија дека со имунизација на населението ќе се иницира развој на инфраструктурата и врските, што пак ќе придонесе да се подобри глобалната економија

Спроведување на што поголема имунизација на населението во државите низ светот, развојот на патната инфраструктура, како и спречување на економското пробивање на Кина беа дел од главните заклучоци на самитот на лидерите на групата држави Г7, кој се одржа неодамна во Англија. На состаноците во британското мало одморалиште Карбис Беј, во близината на Сент Ајвис, во областа Корнвол, меѓу другото се дискутираше и за глобалната безбедност, но и намалувањето на светското загадување, теми за кои светските медиуми веднаш излегоа со свои анализи, во кои тие оценија колку од ветените работи или заложби на лидерите на земјите од групата Г7 се остварливи, со цел тие да придонесат за побрзо глобално закрепнување од пандемијата. Германскиот медиум „Дојче веле“ во тој контекст пишува дека по принудната пауза поради ковид-19, трансатлантската забава на плажа во британски Корнвол заслужува да ѝ се даде шанса.
– Многу е важно водечките светски политичари повторно да се сретнат во живо и да се појават заедно. Политиката е и симболика и цената што треба да се плати е поднослива доколку има добар исход. Сепак во заедничката повелба учесниците се заложија за реафирмирање на трансатлантските односи, заедничко решавање на идните проблеми и да се поврати светскиот поредок заснован на правила. Тоа е многу полесно да се каже отколку да се направи, бидејќи ерозијата на правата и законите во последниве четири години е огромна – анализира германскиот медиум.

Г7 со инфраструктурен план за земјите во развој

Американскиот магазин „Блумберг“ на истава тема пишува дека е остварливо ветувањето на лидерите на Г7 дека тие ќе продолжат со зајакнување на економиите, додека светот закрепне од пандемијата на коронавирусот.
– Тие исто така ја истакнаа важноста на мултилатерализмот, сигнал дека групата сака да ја надмине ерата на Доналд Трамп. Лидерите, исто така, се согласија да ја поддржат Светската здравствена организација, институција критикувана и напуштена од претходната администрација на САД. Истакнувајќи ги јаките страни и вредности како демократски, отворени економии и општества лидерите се заложија дека ќе работат и со другите да ја направат 2021 година клучна година за мултилатерализмот и закрепнувањето што ќе ветува здравје и просперитет за народот на планетата – пишува „Блумберг“. Американскиот магазин истакнува дека од особена важност беше и дебито на американскиот претседател Џо Бајден на светска сцена, кој меѓу другото дискутираше за можноста за олеснување на долгот на пазарите во развој и вети дека ќе ги елиминира нето-емисиите на јаглерод до 2050 година.

Основите за нова построга политика кон Кина исто така беа формулирани во заедничките заклучоци од средбата, пишуваат западните медиуми.
– Ова е добро, но задоцнето. И ги става Европејците во тешка позиција. Тие од една страна сакаат заедно со САД да настапат против кинеската агресија, но од друга страна не сакаат да бидат вовлечени во студена војна со Кина. Германската канцеларка Ангела Меркел потсети на тоа дека без Кина нема да може да се решат глобални проблеми, како на пример заштита на климата. Таа на ум го има и германското стопанство, исто како и преостанатите Европејци своите интереси. До каде ќе успее ЕУ да жонглира од една страна соработувајќи со Кина, а од друга да се активира против нејзините политики, е сосема неизвесно – пишуваат западните медиуми.

Премалку за заштита на климата

Во однос на климатската политика ветувањата на Г7 се непрецизни и празни, оценува „Дојче веле“. Според медиумот, и по децении дебата и натаму не може да се договорат за цврст датум за прекин на користењето јаглен. Тоа не е само слаб перформанс, тоа е срамно. А општите искази за климатска неутралност до 2050 година се безвредни ако не се поткрепени со конкретни датуми и мерки, наведува германскиот весник.
– Сѐ беше префрлено за климатската конференција во ноември годинава. Се удавивме во ветувања, сега е време за дејствување, предупредуваат демонстрантите во Корнвол. Но премиерите беа премногу оддалечени за да ги чујат. Општото ветување за една милијарда дози вакцини против ковид-19 за сиромашни земји повторно наликува на „лага во обланда“. Тоа е многу помалку од објективните можности на Г7, дотолку повеќе што СЗО вели дека се потребни 11 милијарди дози. Невладините организации критикуваат дека недостигаат практична помош, финансиска поддршка и план за да може светското население и де факто да биде имунизирано во текот на следната година – наведува медиумот.