Претседателите на Франција и Италија денеска заеднички ќе ја одбележат 500-годишнината од смртта на уметникот и иноватор Леонардо да Винчи во гратчето Амбоис во долината на Лоара.

Францускиот претседател, Емануел Maкрон, и неговата сопруга Брижит ќе бидат домаќини на претседателот Серџо Матарела и неговата ќерка Лаура во локалната кралската палата.

Потоа, следува приватен ручек во замокот Клос Луче, во кој генијот на ренесансата починал на 2 мај 1519 година.

Подоцна двајцата претседатели ќе им се придружат на стотици млади луѓе од Италија и Франција кои учествуваат во архитектонски, книжевни и научни работилници во замокот Шамборд.

Макрон ја најави заедничката прослава во март во обид за подобрување на односите меѓу двете земји кои беа нарушени со расправата на лидерите на италијанската коалициска влада со Париз.

Луиџи ди Мајо од популистичката партија Движење 5 ѕвезди (M5S) и Матео Салвини од „Лига“ се судрија со либералниот француски претседател поради миграционата политика.

Италија во текот на годинава треба да достави повеќе дела од Да Винчи во музејот Лувр за голема изложба.