Германските безбедносни служби соопштија дека уапсиле повеќе од 750 лица и заплениле големи количества дрога откако дешифрирале тајна преписка преку специјална апликација наменета за паметните мобилни телефони.
Како што пренесуваат германските медиуми, истрагата почнала некаде во април 2020 година и се засновала на податоци добиени преку комуникација од корисници на сервисот „Енкрочет“, кои учествувале во нелегална трговија со дрога.
Според соопштението на државната обвинителка и Федералната криминалистичка служба во Германија, тамошните власти успеале да ги дешифрираат податоците и со тоа да ја следат комуникацијата на криминалците, кои користеле шифрирани мобилни телефони. Така, инспекторите заплениле 3,2 тони канабис, околу 320 килограми синтетички дроги, повеќе од 125.500 таблети екстази, речиси 400 килограми кокаин и 10 килограми хероин. Обвинителката Бусвајлер изјави дека истрагата сè уште не е завршена и дека се проверуваат податоците од разговорите.
– Многу луѓе се во притвор. Се проверуваат податоците за да се утврди дали се доволни за да се поднесе обвинение – рече обвинителот.
Германските медиуми истовремено посочуваат дека ова не е новитет во светот на криминалците, каде што тие од ден на ден сѐ потешко се откриваат поради тајните апликации за комуницирање што лесно се инсталираат на паметните телефони.