Кина воведува систем за бодовно рангирање со кој сака да го контролира однесувањето на своето население. Примерните граѓани се наградуваат со бодови и поволности, додека непримерните се казнуваат и ризикуваат целосна изолација. Системот веќе се користи во повеќе градови благодарение на брзиот развој на технологиите за масовно следење

Кинеската влада воведува општествен кредитен систем, во обид да воспостави голема мрежа на следење на речиси две милијарди свои граѓани. Програмата ќе биде целосно во функција до 2020 година, а системот веќе се тестира. Со системот се следи однесувањето на граѓаните со помош на 200 милиони безбедносни камери, по што секое лице е рангирано според бодови. Во зависност од своето однесување, граѓаните добиваат или губат бодови, односно се наградувани или казнувани, и сето тоа благодарение на брзиот развој на технологијата за препознавање лица, скенирање на телото или лоцирање со помош на џипиес. Податоците што се собираат на тој начин, се комбинираат со други важни вообичаени податоци, како медицински, ученички или студентски досиеја. На личната дигитална и виртуелна картичка се чуваат и податоците за финансиските граѓани и историјата на пребарување на Интернет, наведува „Геополитика њуз“.

Експерименталната пилот-програма веќе е спроведена и се покажа како многу ефикасна. Најмалку 16 града и покраини во Кина го користат системот за препознавање лица, кој ги скенира граѓаните со 99,8 отсто точност. Со посебни очила може да се идентификува лицето од базата од 10.000 податоци и тоа за 0,1 секунда, и се користат од почетокот на 2018 година. Па, така, полицајците и другите безбедносни лица распоредени на улиците и на другите јавни места, секојдневно ги носат овие чудни очила, за да ги идентификуваат осомничените. Очилата, поврзани со база на податоци за сомнителни лица, веќе им помогнаа на кинеските власти да идентификуваат луѓе, осомничени дека сториле сериозни кривични дела, но и наједноставни сообраќајни прекршоци, како што е преминувањето улица на необележано.

Примери од успешното тестирање на овој застрашувачки систем за следење секојдневно се објавуваат во кинеските медиуми. Благодарение на т.н. АИ-технологија, полицијата во Нанчанг за само седум минути успеа да го лоцира и уапси осомниченото лице помеѓу 60.000 посетители на концертот на голема кинеска поп-ѕвезда. Во Женгжоу, полицаец со очила за препознавање лица откри шверцер на хероин на железничката станица. Потоа, во Квингдау, камери управувани од вештачка интелигенција, ѝ помогнаа на полицијата да пронајде дваесетина осомничени лица помеѓу толпата народ на годишниот фестивал на пивото.

Исто така, бегалец, осомничен за убиство, е откриен со камера во Вуху, и тоа додека купувал леб од уличен продавач.

Истовремено, алгоритмите ја утврдуваат листата на луѓе што не може да ги платат своите долгови, и ги ставаат на столбот на срамот, а кинеската национална база на осомничени лица – потенцијални терористи, криминалци, шверцери на дрога, политички неподобни новинари – содржи околу 30 милиони имиња. Од корист е и инсталирањето „роботска полиција“ на железничките станици низ кинеските градови, која дополнително трага по крадци, убијци, но и противници на Владата.

Губењето бодови, но и вистинската казнена одговорност, ги вклучува и содржините од четовите, групните разговори, а утврдените правила за преданост на режимот се применуваат и на приватните и на шифрираните апликации. Централниот систем ги анализира профилите на корисниците на општествените мрежи, собира податоци од безбедносните камери, прави проверка на идентитетот, ги пресретнува безжичните мрежи и ги декодира податоците што се пренесуваат преку нив.

Должник прикажан на екран во центарот на градот Таишан

Кинеската влада бара од технолошките компании да ги следат и да водат евиденцијата за разговорите, да ги зачуваат податоците најмалку шест месеци, како и да ги пријават кај властите сите нелегални активности. Од друга страна, граѓаните се должни да снимат апликации, кои ѝ овозможуваат на Владата следење на нивните разговори, пораки, фотографии или видеоснимки. Владата исто така има можност да го оцени однесувањето на секој граѓанин, користејќи ја контролата на социјалните мрежи, односно личните профили што граѓаните може да ги поврзат со членовите на нивните семејства, пријатели и соработници. Поединечно, на освоениот број бодови значително влијае и однесувањето на роднините и на блиските лица. Ако близок пријател или член на семејството изнесе негативни ставови за Владата, лицето губи бодови, кои инаку носат многу поволни бенефиции – попусти во хотели, на железница, изнајмување автомобили, пониски камати, предност при вработување и запишување на факултети. Казната, пак, вклучува постепена социјална изолација – намалување на брзината на Интернет, затворање профили на социјалните мрежи, па сѐ до јавно понижување, кое значи спреченост за запишување на факултет или губење на работното место. Кинеската влада на тој начин стана чувар на општествената доверба, а секој што ја нарушува или разбива се соочува со понижување и отпишување од општеството.

Од друга страна, шпионирањето станува голем бизнис во Кина. Како што државата троши неверојатни суми за следење, така новата генерација кинески компании се обидува да ги задоволи потребите на Владата. Технолошките компании и Владата се во голема симбиоза, а технолошкиот бум им помага на владините амбиции и обратно. Кинеските компании на тој начин развиваат глобално конкурентни апликации за препознавање на слика и глас. Тоа е еден од начините на кој Кина се бори против Силиконската долина, на која полека ѝ го одзема приматот.

Со милиони камери, Кина воспоставува систем за следење без преседан, со кој веќе следи над 1,4 милијарда лица. Кина можеби е експеримент, но методите постепено го освојуваат и Западот, кој уште верува дека незапирливиот технолошки напредок ја унапредува демократијата, им обезбедува поголеми лични слободи на луѓето и поттикнува поврзаност низ светот. Од примерот на Кина се гледа дека станува збор за подем на дигитална диктатура, а Пекинг јасно покажа дека негова амбиција е економска и воена доминација, која планира да ја постигне со голем развој на технологијата за вештачка интелигенција.

Во меѓувреме, натпреварот во развојот на вештачка интелигенција се води во триаголникот Кина – САД – Русија, а ЕУ едноставно „испадна од играта“. Меѓутоа, постои сѐ поголема загриженост дека кинеските експерименти ќе се повторат во странство, а со оглед на глобалната доминација на кинеската технологија, сериозно се отвора прашањето за иднината на човековите права и приватноста.

Па, така, на пример, австралиската влада одамна ја користи кинеската мрежа и технологија за препознавање лица. Безбедносните камери на кинеските компании се наоѓаат во австралиското МВ, судството, разузнавачките агенции, а со нивна помош се следи и кабинетот на премиерот. Станува збор за стотици илјади камери за следење во куќите, на улиците и јавните институции, универзитетите, трговските центри и илјадници други јавни простори во Австралија.

Во Кина е воспоставен постојан проток на информации помеѓу приватните компании, кои се занимаваат со вештачка интелигенција, и државата. Кина се обидува да се постави како најголема земја за сајбер-шпионажа, а овие камери се клучен дел од таа платформа, иако компаниите тоа го демантираат. „Волстрит журнал“ во 2017 година објави дека кинески камери се инсталирани на базите на американската војска и американската амбасада во Авганистан. По статијата, американската влада веднаш ги отстрани камерите.

Кина се обидува да го обликува однесувањето на своето население со помош на системот на награди и казни, кој сигурно ќе го трансформира кинеското општество. За Кинезите, новото следење се темели на старата идеја за авторитарна контрола на многубројното население. Интересно е тоа дека Кинезите малку се поделени околу општеството управувано од вештачка интелигенција, но не го преиспитуваат нешто посебно. Уште повеќе, многумина ѝ се благодарни на Владата за безбедноста што им ја дава овој, без преседан, систем на следење.

Во зависност од однесувањето граѓаните добиваат или губат бодови