Американскиот претседател најави повлекување на војниците од Сирија, оценувајќи дека терористичката група Исламска држава е поразена. Сепак, ваквиот потег предизвика стравувања, кај сојузниците и републиканците, дека ќе доведе до „воскреснување“ на терористичката група. Покрај тоа, некои од критичарите сметаат дека со тоа Трамп им го препушта теренот во Сирија на Русија и на Иран, најголемите сојузници на сирискиот претседател Башар ал Асад

Одлуката на претседателот Доналд Трамп за повлекување на американските војници од Сирија наиде на остри критики од сојузниците на Вашингтон, како и од високи претставници на Републиканската партија. Трамп завчера го најави враќањето дома на околу 2.000 војници, порачувајќи дека терористичката група Исламска држава (ИД) е поразена. Сепак, ваквиот потег предизвика стравувања, кај сојузниците и републиканците, дека ќе доведе до „воскреснување“ на терористичката група. Покрај тоа, некои од критичарите сметаат дека со ваквиот чекор Трамп им го препушта теренот во Сирија на Русија и на Иран, најголемите сојузници на сирискиот претседател Башар ал Асад. Исто така, неизвесна е судбината и на курдските бунтовници, кои беа најголеми американски сојузници во борбата против ИД, а сега се оставени на милост на Турција, која неодамна порача дека подготвува нова офанзива во Сирија, токму во деловите каде што беа распоредени американските сили, оценуваат светските медиуми.

Портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс, потврди дека американските сили веќе почнаа со повлекувањето од сириска територија. Околу 2.000 американски војници помогнаа во ослободувањето на поголем дел на североисточна Сирија од џихадистите на ИД, но еден дел од екстремистите, околу 15.000 борци, остана на теренот.

– Почнавме да ги враќаме војниците на САД дома, бидејќи преминуваме на следната фаза на оваа кампања – истакна Сандерс.

Таа не изнесе податоци за тоа каква би можела да биде таа кампања, но додаде дека САД и нивните сојузници се подготвени повторно да се ангажираат на сите нивоа, за да ги бранат американските интереси секогаш кога тоа ќе биде потребно.

– Ќе продолжиме заедно да го ускратуваме пристапот на овие територии за радикалните исламистички терористи, како и финансирањето, поддршката и секој начин на кој би можеле да се инфилтрираат низ нашите граници – порача Сандерс.
Но, по сѐ изгледа, како што оценува Би-би-си, ваквите зборови од Белата куќа не ги смирија сојузниците на теренот. Британската влада се дистанцира од оцената на Трамп дека ИД сега е поразена.

– Останува уште многу да се стори и не смееме да заборавиме каква закана претставуваат тие. ИД останува закана и покрај важните напредувања што беа остварени во изминатиот период – се наведува во соопштението на британското МНР.
Со реакција се јавија и Сириските демократски сили (СДФ), кои во најголем дел се составени од курдски бунтовнички групи, предупредувајќи дека ненадејната одлука на Трамп за повлекување на американските сили ќе ѝ овозможи на ИД да „закрепне“ од претрпените порази.

– Американскиот чекор ќе има опасни последици за регионалната стабилност и ќе создаде политички и воен вакуум, оставајќи ја Алијансата заробена помеѓу непријателски страни. Повлекувањето негативно влијае на кампањата против ИД и ќе ѝ овозможи на групата повторно да заживее – се наведува во реакцијата на СДФ.

Истовремено, републиканскиот сенатор Линдзи Греам, кој е еден од поддржувачите на Трамп, ја нарече одлуката за повлекување „голема грешка во стилот на Обама“.

– Повлекувањето ќе има катастрофални последици за Сирија и за поширокиот регион. Стравувам дека тоа би значело повлекување пред влијанието на Русија и на Иран во регионот. Американското повлекување во овој период ќе биде голема победа за ИД, Иран, претседателот Башар ал Асад и Русија – порача Греам, кој е дел од комитетот за вооружени сили при американскиот Сенат.

Од друга страна, во својата анализа американски „Стратфор“ оценува дека одлуката на Трамп може да има добри и лоши последици. Па, така, според познатата експертска група, повлекувањето на околу 2.000 војници, од кои повеќето се од елитните единици, ќе ги ослободи за распоредување на други места. Покрај тоа, повлекувањето драматично ќе го намали ризикот САД да бидат вовлечени во опасни, непланирани судири со некоја од повеќето сили во пренатрупаниот борбен простор во Сирија.

Сепак, според „Стратфор“, најпозитивно е тоа што ќе се расчисти патот за подобрување на односите со Турција, која е критичен партнер за американската безбедносна стратегија за Блискиот Исток и Европа.

Кога станува збор за негативното влијание, американското повлекување и сѐ поверојатниот турски напад врз курдските позиции ќе има штетен ефект врз кампањата против ИД. Курдските бунтовнички групи сочинуваат поголем дел од СДФ, кои се во првите редови во борбата против ИД во источна Сирија. Терористичката група загуби голем дел од територијата што ја контролираше, но таа е далеку од поразена, а американското разузнавање проценува дека на теренот уште има околу 15.000 џихадисти на ИД. Сириската влада и нејзините примарни сојузници, Иран и Русија, исто така ќе го поздрават американското повлекување од Сирија. Техеран исто така ќе го прослави намалениот притисок врз неговото присуство таму, посебно врз неговите ранливи линии за снабдување во источна Сирија.

Кога станува збор за САД, неизбежно е да го загубат кредибилитетот како доверлив сојузник ако Вашингтон ненадејно се повлече, оставајќи ги неговите партнери од СДФ изложени на напад од Сирија или од Турција. Вашингтон ќе ја загуби довербата на Блискиот Исток и пошироко. Истовремено, Сирија, Русија, Иран и другите заинтересирани страни со нетрпение ќе побрзаат да го пополнат вакуумот, кој САД ќе го остават зад себе, заклучува „Стратфор“.


Путин: САД се повлекуваат веќе 17 години

Рускиот претседател Владимир Путин ја поздрави одлуката на американскиот колега Доналд Трамп да ги повлече своите војници од Сирија. Путин го оцени таквиот потег како правилен, истакнувајќи го повторно рускиот аргумент дека военото присуство на САД во Сирија е незаконско, бидејќи не е дозволено од Советот за безбедност на ОН или од сириската влада.
– Останува да се види дали САД ќе го исполнат својот план. Вашингтон повеќепати ветуваше дека ќе го повлече својот контингент од Авганистан, па и понатаму е таму веќе 17 години – порача рускиот претседател во годишното одговарање на новинарски прашања.
Путин се согласи со оцената на Трамп дека терористичката група Исламска држава е целосно поразена во Сирија. Тој, сепак, предупреди за опасноста терористите да се префрлат од Сирија во други земји во соседни региони, како на пример во Авганистан.