Социјалните медиуми играат сѐ поважна улога во политиката на Блискиот Исток, почнувајќи од Арапската пролет во 2011 година. Државите како Иран и Саудиска Арабија настојуваат да ги искористат социјалните мрежи за да влијаат на домашниот дискурс и да ги поткопаат надворешните ривали. Ако се виде дека социјалните медиуми беа забрзувачот на Арапската пролет, а потоа мобилизатор на мигрантската светска криза, може ли тие да бидат фитиљот на судирот на цивилизациите од светски размери?

Додека во последниве години тековните војни во Сирија и Јемен беа доминантни вести од Блискиот Исток, меѓународното јавно мислење се искачи на ново рамниште на важност за регионалните актери во овие конфликти. Социјалните медиуми се едни од главните фактори на влијание врз јавното мислење. Тие се алатката што радикално ги трансформира комуникацијата низ светот и начинот на кој нашите општества споделуваат информации и идеи.
Социјалните медиуми првично донесоа надеж за Блискиот Исток. Арапската пролет, која беше реализирана делумно и со помош на онлајн-дебатите и масовното организирање, создаде една нова отвореност, која дозволи критика на автократските власти, кои дотогаш беа недопирливи за јавното мислење. А како што истакнува директорот на институтот МЕНА и професор на универзитетите во Катар и во Доха, Калид Ал-Џабер: „Се работеше за една поинаква платформа и Владата не можеше цврсто да ја контролира, онака како што правеше со другите медиуми. Но набргу по појавата на критичките огласувања на социјалните мрежи, тие предизвикаа владина ’контрареволуција’“.

За денешното време, Ал-Џабер тврди дека владите во регионот сѐ повеќе доминираат со социјалните платформи, користејќи армии од тролови што треба да влијаат врз јавните дебати.
Ова е поента од дебатата што деновиве се одржа во Центарот за национален интерес во Вашингтон, САД, на која се даде осврт на „информативните војни“ за јавно мислење, кои се одигруваат паралелно со големиот број конфликти низ целиот регион. Под модераторство на Гилман Барндолар, директорот за студии на Блискиот Исток во Центарот за национален интерес, дебатата беше водена од Калид Ал-Џабер, како и од Ники Акаван, професор и претседател на Одделот за медиумски студии на Католичкиот универзитет во Америка.

Имено, според анализите изнесени на дебатата, управувањето со социјалните медиуми претставува преговарачка вештина на авторитарните (или полуавторитарните) режими на Блискиот Исток, кои се борат да го контролираат и заштитат домашниот онлајн-дискурс од надворешни влијанија, обидувајќи се истовремено да ги искористат социјалните мрежи за влијание врз меѓународното јавно мислење.
Професорот Акаван го зема како пример Иран. „Иран отсекогаш ја имал ваквата контрадикторна позиција во однос на старите и новите медиуми. Постојано изразува загриженост дека овие медиуми може да се користат како форма на културна инвазија од страна на надворешните непријатели на иранската држава… но исто така отсекогаш ја препознавал моќта на медиумите за ’протуркување’ на сопствената агенда“.

Владите ги користат социјалните медиуми и за собирање домашна и странска поддршка за своите политики. Иран ја претстави својата инвазија врз Сирија како неопходна за борба против тероризмот и екстремизмот. Спротивно на ова, Иран во голема мера го избегнуваше ставањето во фокус на сопствената вмешаност во Јемен, ставајќи акцент на судирот како на хуманитарна катастрофа, поттикната од неговиот ривал, Саудиска Арабија.

Според мислењето на Акаван, ова било неопходно, бидејќи дури и во иранскиот сајбер-простор режимот на Асад има репутација на брутален систем, така што Иран сака да ја претстави својата интервенција како антитерористички чин, наместо како поддршка за Асад. Социјалните медиуми поддржани од иранската држава се одраз на ваквиот став – тие се фокусираат на тероризмот, редовно прикажуваат насилни слики од борците на ИСИС, војници измачувани и убиени од страна на екстремистите, како и официјални слики од иранските водачи, наменети да создадат атмосфера на моќ и стабилност.

Наспроти тоа, медиумите што известуваат за иранската вмешаност во Јемен останаа фокусирани на улогата на Саудиска Арабија (и индиректно на САД) во одржувањето на хуманитарната криза во осиромашената нација.
Се чини дека низ целиот ирански политички спектрум постои консензус дека војната во Јемен е за морална осуда и дека улогата на Саудиска Арабија во конфликтот служи само да се влошат страдањата на луѓето. Со прикажувањето ужасни слики, вели Акаван, Иран ги злоупотребува социјалните медиуми за да ги претстави својот однос и став кон судирите во Сирија и Јемен. Сепак, пристапот на Техеран кон овие две војни е сосема различен.

Она што е многу интересно како став на професорот Калид Ал-Џабер е дека постојат големи организации што менаџираат со социјалните медиуми, до тој степен што „…станале оружје на владата“, сметајќи притоа дека е уништен едниот од малкуте начини на кои граѓаните можат да бараат реформи. Ал-Џабер напомена дека новинските агенции како Ал Џезира одиграа клучна улога во Арапската пролет со разоткривањето на корумпираните влади. Како одговор на тоа, владите прават напори да го „копираат“ успехот на Ал-Џезира во рамките на своите контролирани агенции.

Во врска со ова, контролата на јавниот говор на Блискиот Исток е алатка што има фалинки. На пример, брзината на Интернет во Иран вештачки се одржува на ниско ниво, а властите користат филтри и се обидуваат да укинат некои работи, но нивните напори имаат различен успех во зависност од тековните трендови и политичката клима. Снаодливите граѓани продолжуваат да ја избегнуваат цензурата со помош на приватните виртуелни мрежи. За повеќето луѓе, цензурата и контролата на Интернет претставуваат тешкотија, иако не се целосно делотворни.

Професорите Акаван и Ал-Џабер се согласуваат дека честопати има разидување помеѓу пораките наменети за граѓаните и она што е прикажано пред странската публика. Пречките поради надворешните санкции и конкуренцијата од ривалите како Би-би-си имаат неповолно влијание врз државната иранска радио и телевизија, која е клучен играч во политичкото пропагирање наменето за Иранците. Истиот расчекор помеѓу домашната и надворешната реторика е видлив и во онлајн-просторот. Иако онлајн-троловите не ги нарушуваат дискусиите активно, тие креираат „звучни комори“ и ги одвраќаат другите да изразуваат различни мислења на онлајн-форумите.

За да се спротивстават на овие ограничувања на слободата на говорот, вели Ал-Џабер, Фејсбук, Твитер и другите платформи мора да сторат повеќе во борбата со онлајн-троловите. Сепак, Акаван забележува дека блокирањето корисници не е идеално решение, бидејќи критериумите за тоа кој и што треба да се блокира понекогаш се произволни и ги ограничуваат отворените јавни дискусии. Но она што е најбитно е дека социјалните мрежи имаат потенцијал на темпирана атомска бомба, цунами, или, пак, катаклизма за поместување и мобилизирање на невидена маса луѓе, која со одредена наметната мотивација може да доведе до судир на титаните и цивилизациите.