Фото: Игор Бансколиев

Социјалните медиуми бележат драматично зголемување на популарноста, но тие сѐ почесто се злоупотребуваат за ширење лажни вести и пропаганда. Граѓаните јасно ја препознаваат квалитативната разлика меѓу (дез)информациите што се објавуваат на социјалните мрежи и вестите пласирани во традиционалните медиуми, кои го минале филтерот на професионалните новинарски стандарди. Оттука, довербата во традиционалните медиуми достигнува рекордни нивоа

Демократизирање на дебатата, поефикасна потрага по вистината и поврзување на светот. Ова се само некои од навидум благородните цели што тврдат дека ги остваруваат Фејсбук и другите социјални мрежи. Истражувањата покажуваат дека социјалните медиуми се сѐ попопуларни, но истите тие нагласуваат дека е зголемена и нивната злоупотреба, па, така, наместо да нудат можност за поефикасна потрага по вистината, овие современи медиуми стануваат главни платформи за ширење пропаганда, лажни вести и дезинформации.

Во разни периоди од историјата, биле користење разни популарни медиуми за дезинформирање на населението. На пример, Лени Рифенштал своевремено била посочувана како надарена режисерка и актерка. Но филмовите на наводната љубовница на Адолф Хитлер биле чиста нацистичка пропаганда, претставенa преку медиумот во подем пред Втората светска војна. Слично, за време на геноцидот во Руанда во 1994 година, радиото одиграло значајна улога во пропагандната машинерија за ширење омраза против Тутсите, кои беа нарекувани бубашваби. Злоупотребата на популарните медиуми продолжува до денес, па пропагандата и лажните вести сега најчесто се шират преку Јутјуб, Фејсбук и други социјални медиуми и мобилни апликации, пишува неделникот „Фајненшл мејл“.

Има многу примери за пласирање лажни вести и теории на заговори на социјалните мрежи, кои се спротивни на научните докази и здраворазумското размислување. Еден од нив е движењето против вакцинирањето на децата, кое произлегува од една од најголемите научни измами досега. Британецот Ендрју Вејкфилд објави фалсификувани резултати во труд во „Лансет“ во 1998 година. Научното списание потоа го повлече трудот, тврдејќи дека било измамено од лажните тврдења на Вејкфилд дека вакцините предизвикуваат аутизам. Голем број истражувања во изминатите две децении не најдоа поврзаност меѓу вакцините и аутизмот, но тоа не го спречи Вејкфилд да стане предводник на движењето што шири теории на заговор против вакцините преку Јутјуб, Фејсбук и други платформи. Во изминатите години имаше повеќе рекордни случаи на сипаници и епидемии во Европа и на други места. Според Светската здравствена организација, годишно од сипаници умираат и над 110.000 лица, повеќето од нив деца помали од пет години, иако има безбедни и ефикасни вакцини.

Лажните вести и дезинформациите се шират и на мобилните апликации. Еден пример е популарната апликација за развој на децата „Вондер викс“, која е заснована на истоимена книга во која се тврди дека развојот на децата следи предвидливи „скокови“. Но нејзиниот автор, професорот Франс Плооиј, беше отпуштен од Универзитетот во Гронинген, Холандија, кога еден од неговите студенти ги поби неговите тврдења, а тој се обиде да го блокира објавувањето на научниот труд. Сепак, неговата апликација сѐ уште е популарна и е симната над 500.000 пати само на Андроид. Друг пример е апликацијата „Фем“, која наводно е за унапредување на женското здравје и плодноста, а всушност е финансирана од групи против абортусот и нуди совети од „медицински“ лица без соодветни квалификации, според „Гардијан“.

На социјалните медиуми доминираат и теориите на заговор дека е лажирано слетувањето на Месечината, дека Земјата е рамна или дека се измислени нападите врз американските училишта со голем број жртви. На пример, во најсмртоносниот напад врз училиште во САД, во Сенди Хук во 2012 година, беа убиени речиси 30 ученици и наставници, но заговорниците на социјалните мрежи тврдат дека тоа било измама создадена од лобистите за контрола на оружјето. Еден од најгласните заговорници е ултрадесничарот коментатор Алекс Џонс, чии поддржувачи со години ги малтретираат членовите на семејствата на настраданите да „признаат“ дека го излажале светот. На еден родител му биле потребни шест години да го натера Твитер да блокира еден од заговорниците, кој тврдел дека масакрот не се случил.

И на Јутјуб има разни видеа во кои се претставуваат секакви параноични теории на заговори и се шират лажни вести и дезинформации, како на пример дека Земјата е рамна. Еден пример за тоа е документарниот филм „Теориите на заговор со Шејн Досон“, чиј автор има 20 милиони следбеници, а неговиот „документарец“ има 30 милиони прегледи.

Ешли Ландрум, истражувач од Технолошкиот универзитет во Тексас, вели дека алгоритмите на платформите како Јутјуб им нудат (дез)информации на луѓето за кои има поголеми шанси да ги прифатат како вистинити. Бизнис-моделот на Јутјуб бара од гледачите да поминат што повеќе време во гледање видеа, а со тоа и што повеќе реклами. Истражувањата покажуваат дека алгоритамот на Јутјуб за препорачани содржини најчесто нуди контроверзни видеа. Гијом Шасло, кој работел како софтверски инженер во „Јутјуб“, објаснува како функционира овој алгоритам. Тој вели дека неговите истражувања покажале оти лажните вести и теориите на заговор се меѓу најпрепорачаните видеа на околу 1.000 популарни јутјуб-канали. „Јутјуб“ дури во јануари најави дека ќе ги промени алгоритмите за да спречи ширење дезинформации, како на пример видеа што нудат лажни чудотворни лекувања на болести и слично.
Експертите нагласуваат дека националните регулатори многу бавно ги решаваат овие проблеми, исто како што бавно ја сфатија моќта на големите технолошки компании и нивните социјални медиуми, кои може да се злоупотребуваат за масовно дезинформирање.

Еден позитивен пример е Пинтерест, сајтот за споделување хоби-активности, кој реши да ги забрани сите содржини против вакцините. Од друга страна, Фејсбук, Твитер и Јутјуб сакаат да го намалат влијанието на тие содржини, но не и да ги отстранат, бидејќи наводно не било нивна работа да кажуваат што е вистинито, а што не е. Првиот човек на Фејсбук, Марк Закерберг, лани предизвика бурни реакции кога изјави дека бил навреден од лицата што не го признаваат холокаустот, но нагласи оти не сметал дека тие намерно грешат. Но Закерберг не кажа дека Фејсбук и другите компании добиваат огромен сообраќај од контроверзните содржини и од прашината што се крева околу нив, а тоа значи повеќе реклами и пари. Фејсбук и другите социјални мрежи стравуваат од обвинувања за цензура токму од лицата и групите што ги промовираат теориите на заговор и лажните вести, на крајот повторно профитираат, зашто и контроверзиите околу спорните содржини носат реклами и пари.

Како тогаш граѓаните можат да дојдат до вистината? Првото правило е дека ако нешто изгледа предобро за да биде вистинито, најверојатно не е. Истото тоа важи и за насловите од типот на „…нема да верувате што се случи потоа“, кои го „мамат“ граѓанинот да кликне, прочита, прегледа и слично. Конечно, граѓаните ја препознаваат квалитативната разлика меѓу (дез)информациите што се пласираат на социјалните медиуми и вестите што се објавуваат во весниците и во другите традиционални медиуми. Вторите го минале филтерот на професионалните стандарди и принципи, кои на новинарите им налагаат веродостојно да собираат, пренесуваат, коментираат и анализираат информации за опишување на настаните. Исто така, дебатите и дискусиите објавени во традиционалните медиуми имаат поголема вредност и тежина, зашто тие се проследени со експертски мислења, официјални податоци и резултати од научни истражувања. Дека граѓаните ја препознаваат важноста на традиционалните медиуми и вредноста на новинарството потврдуваат и резултатите од разни истражувања. Еден пример е Годишниот барометар на доверба на Еделман за 2019 г., кој покажува дека на глобално ниво довербата на граѓаните во традиционалните медиуми достигнала највисоки нивоа досега (64 отсто). Од друга страна, довербата во социјалните медиуми е многу пониска (44 отсто), а најголема причина за тоа е што мнозинството граѓани (73 отсто) се загрижени од лажните вести што се шират на овие популарни медиуми, кои потоа би можеле да се искористат како опасно информациско оружје.