Политички калкулации околу мнозинството во Бундестагот

Нешто помалку од две недели од одржувањето на парламентарните избори во Германија, Социјалдемократската партија (СПД), која освои најмногу гласови, ги започна прелиминарни разговори со Зелените и Слободните демократи во обид да формираат коалиција без конзервативците во заминување на канцеларката Ангела Меркел.
Лидерот на СПД, Олаф Шолц, на социјалните мрежи напиша дека тој ќе биде нов германски канцелар доколку се формира коалицијата, а неговата партија повторно ќе застане на чело на Владата, првпат откако Герхард Шредер ја напушти функцијата во 2005 година.
Од друга страна, конзервативците, предводени од Армин Лашет, кои освоија помалку гласови од СДП на парламентарните избори, не се откажаа од обидот да формираат коалиција и да ја задржат функцијата канцелар.
Германските медиуми пишуваат дека преговорите ќе ја направат Германија чекор поблиску до таканаречената „семафор-коалиција“, именувана по боите на трите партии. За разлика од многу други европски земји, каде што претседателот или монархот поканува индивидуален лидер на партија да се обиде да формира влада, во Германија тоа зависи од самите партии.
Доколку преговорите за т.н. „семафор-коалиција“ бидат успешни, ќе биде означен јасен крај на ерата на Ангела Меркел, која е во заминување од канцеларската функција. На тој начин, канцеларската позиција ќе премине од коалицијата помеѓу Демохристијанскиот сојуз и Христијанско-социјалната унија (ЦДУ-ЦСУ) кон социјалдемократите, првпат по 16 години.