Скандалот со дипломатскиот протокол што ја засени неодамнешната посета на лидерите на ЕУ на Анкара, отвори прашања за реакцијата на претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, за доследноста на ЕУ во барањето од Анкара за почитување на Истанбулската конвенција, како и за единството меѓу лидерите од Брисел, со што Унијата допрва ги чувствува последиците од непријатната ситуација, наведува „Еурактив“.

Конзервативната Европска народна партија бара дискусија во Европскиот парламент за посетата на Анкара, со што нејзиниот лидер Манфред Вебер ја оквалификува посетата како „симбол на разединетост“ меѓу лидерите на ЕУ.

Лидерката на француската екстремна десница, Марин Ле Пен, истакна дека посетата била лоша идеја бидејќи покажала дека „блокот потклекнал пред непријателскиот Ердоган“.

Згора, новинарите од Брисел запрашаа како ЕУ може да бара од Турција да ја почитува Истанбулската конвенција, што беше централна тема на средбата, кога повеќе нејзини членки не ја ратификувале. Според интернет-страницата на Советот за Европа, тоа се Бугарија, Чешка, Унгарија, Летонија, Литванија и Словачка.

Турциј, пак, ја обвини ЕУ за распоредот на седење според кој претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен остана без столче за време на средбата со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган (таа седеше на софа, настрана од Ердоган и Мишел). Одговорот на Турција уследи откако Ердоган се соочи со бројни критики за постапувањето при состанокот со Фон дер Лејен и Мишел во Анкара во вторникот.

– Начинот на седење беше во согласност со препораките од ЕУ и точка. Ние немаше ни да го спомнеме ова, доколку немаше обвинувања против Турција. Барањата и сугестиите од ЕУ беа исполнети и протоколот беше испочитуван на средбата – изјави турскиот министер за надворешни работи Мевљут Чавушоглу кој исто така беше присутен на средбата.

Предвидено е европскиот блок да разговара за односите со Турција на состанокот на Европскиот совет закажан за 24 и 25 јуни.