Лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг-ун, пропушти уште еден национален празник викендов, со што поттикна гласини и сомнежи за неговото здравје. На социјалните мрежи и во некои неофицијални извори информациите се од тоа дека тој е во вегетативна состојба до тоа дека починал и дека само прашање на време е кога ќе биде тоа официјално објавено, јавија западните медиуми. Според некои од нив, веќе и почнаа да се појавуваат фотографии од неговата сестра Ким Јо-Џонг (32), како негова наследничка и прва жена лидер во оваа земја.

Но американскиот медиум „Њузвик“ вчера напиша дека засега американските разузнавачи не гледаат знаци на невообичаена воена активност, што би сугерирало на ситуација што е надвор од контрола.
– Регионалните вооружени сили во Западен Пацифик и Азија, вклучувајќи ги и оние на нашите партнери, остануваат на ниво на подготвеност во согласност со историските норми – цитира „Њузвик“ изјава на анонимен висок претставник на Пентагон.

Инаку Пјонгјанг сѐ уште не се огласи по шпекулациите за влошената здравствена состојба на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун. Претходно се појавија многу шпекулации за тоа каде се наоѓа тој, меѓу кои имаше сомневања дека го напуштил Пјонгјанг поради коронавирусот. Инаку, Ким стана лидер на Северна Кореја по смртта на неговиот татко Ким Јонг-ил, кој почина во декември 2011 година.