Свесни сме за вестите за нападите на американски бази во Ирак. Претседателот Доналд Трамп е запознаен со тоа, внимателно ја следи ситуацијата и во контакт сме со тимот за национална безбедност, изјави портпаролката на Белата куќа, Стефани Гришам, во врска со иранскиот ракетен напад врз база на САД во Ирак.

По споменатиот напад, во Белата куќа веднаш почнал состанок на Советот за национална безбедност.

Покрај потпретседателот на САД, Мајк Пенс, и министерот за надворешни работи, Мајк Помпео, во Белата куќа пристигнал и министерот за одбрана Марк Еспер.

Иранската револуционерна гарда соопшти дека во рамки на „операцијата за одмазда“ за убиството на генералот Касем Сулејмани, со десетина балистички ракети е гаѓана база на САД во Ирак.

Пентагон соопшти дека кон базата во која се позиционирани американски војници Иран лансирал повеќе од 12 ракети и дека штетатата сè уште се утврдува.