Рускиот суд ја осуди Љубов Собол, блиска соработничка на Алексеј Навални, на 18 месеци условна казна и ја прогласи за виновна за поттикнување на луѓето да ги прекинат мерките за ограничување во борбата против пандемијата со коронавирус.

Собол, која вели дека обвинението против неа е „политички мотивирано“, беше обвинета откако неодамна учествуваше во организација на уличен протест за поддршка на Навални.

Нејзе и е наредено да остане во својот дом помеѓу 22 часот и 6 часот наутро, 18 месеци, забрането и е да присуствува на масовни настани и мора да се јавува во полиција три пати месечно, објави нејзиниот адвокат Владимир Воронин на Твитер.

Таа првично беше ставена во домашен притвор, рече тој.

За истото дело им се суди и на неколку други блиски соработници на Навални, меѓу кои и неговиот брат.

Сојузниците на Навални ги обвинуваат властите дека го користат законот за да ги задушат гласовите на противниците пред парламентарните избори во септември.