Рускиот суд ја казни Јулија Навални, сопругата на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, со 20.000 рубли (216 евра) за учество на вчерашниот неодобрен протест.

Илјадници луѓе протестираа во цела Русија за време на викендот за поддршка на уапсениот опозициски лидер, објави „Ројтерс“.

Досега повеќе од 5.000 лица се уапсени во целата земја, според „ОВД инфо“ – невладина организација што ги следи протестите, наведува агенцијата.

Јулија најпрвин беше уапсена поради учество во неодобрен митинг за поддршка на нејзиниот сопруг, а потоа вечерта беше ослободена со обврска да се појави на суд.


Песков: Фондацијата на Навални му го потврди статусот на странски агент со повиците за санкции

Фондацијата за борба против корупцијата – непрофитна организација заведена како странски агент во Русија, на рускиот опозиционер Алексеј Навални му го потврди статусот на странски агент, повикувајќи го американскиот претседател, Џо Бајден, да воведе санкции против неколку десетици руски бизнисмени и политичари, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пренесува ТАСС.

– Што се однесува до оваа Фондација и сите овие писма и повици, Фондацијата де јуре и де факто го демонстрира својот статус на странски агент – нагласи тој.

На прашањето за ставот на Кремљ за санкциите на Западот, Песков истакна дека ова мислење е добро познато.

– Ние ги отфрламе овие санкции. Веруваме дека се апсолутно неприфатливи, веруваме дека тоа е длабоко погрешен начин на однесување во односите меѓу државите. Нема иднина со овој метод – истакна тој.

Во саботата извршниот директор на Фондацијата за борба против корупцијата, Владимир Ашурков, на својот профил на Фејсбук се обрати до американскиот претседател Џо Бајден за да ја повика американската администрација да воведе санкции против неколку десетици Руси.