Џефри Епстајн

Повторното отворање на случајот на милијардерот финансиер Џефри Епстајн (66), кој се соочува со обвинувања за сексуално злоставување малолетни девојки во неговата вила на Менхетн, се заканува да предизвика голем политички скандал во САД, пренесуваат американските медиуми. Обвинителството го отвори случајот по повеќе од 10 години откако широко критикувана спогодба го заштити Епстајн од слични обвиненија на Флорида.

– Гледам многумина од левицата и од десницата кои делуваат потполно уверени дека Епстајн ќе ги предаде нивните политички непријатели. Но исто толку веројатно е дека тој ќе ги предаде и нивните сојузници – напиша на Твитер, Ноа Шакман, уредникот на порталот „Дејли Бист“, кој прв ја објави веста за апсењето на Епстајн во саботата.

Осомничениот има познанства со голем број на политичари, бизнисмени и славни личности, меѓу кои се спомнуваат актуелниот американски претседател Доналд Трамп, поранешниот претседател Бил Клинтон, британскиот принц Ендрју, актерот Кевин Спејси… 

Згора, обвинителството претходно најави отворање на 167 документи во судскиот случај, со што се зголемува ризикот за откривање на вклученост на други познати личности.

Се очекува истражителите денес да ги објават новите обвиненија против Епстајн, според кои познатиот бизнисмен предводел операција за секс-трговија која намамила голем број на малолетни девојки на возраст од 13-14 години во неговиот дом, во периодот помеѓу 2000 и 2005 година. Тој беше уапсен во саботата на аеродром во Њу Џерси, по неговото враќање од Франција. Епстајн се соочува со максимална затворска казна од 45 години. Властите идентификувале 36 потенцијални жртви, а медиумите проценуваат дека нивната бројка би можела да достигне стотина девојки.