Изборниот штаб на американскиот претседател Доналд Трамп поднесе тужби во оспоруваните сојузни држави изразувајќи оптимизам за исходот, дента по најнеизвесните претседателски избори во историјата на САД, пишува „Њузвик“.

Белата куќа и кампањата на Трамп уште инсистираат дека претседателот има можност за победа, и покрај тоа што заостанува во клучните сојузни држави на Мичиген и Висконсин. Неименуван член на кампањата на Трамп во изјава за „Њузвик“ кажал дека правната стратегија би можела да им овозможи да „извлечат зајак од шеширот“, иако признал дека изгледите за тоа се мали.

Од таборот на Трамп поднесоа тужба во Мичиген со која се бара запирање на пребројувањето на гласови, тврдејќи дека набљудувачите од Републиканската партија немале доволна застапеност при броењето на гласови.

Штабот на претседателот истакна слични обвинувања за недостиг на пристап во процесот на броење на гласови, во петицијата за запирање на броењето во Невада. Оперативците на Трамп ја посочија и намерата за поднесување на петиција во Висконсин, за што имаат законска можност доколку разликата во гласови е помала од еден отсто. Таа моментно изнесува 0,6 отсто.

Кампањата на Трамп би можела да бара од претставниците на Републиканската партија во Пенсилванија да поднесат петиција до Врховниот суд, што би можело да ги прогласи за невалидни гласовите по пошта преброени по изборниот ден и да ги урне надежите на Џо Бајден за победа во таа сојузна држава.

Членовите на кампањата на Трамп тврдат дека американскиот претседател ќе победи во Пенсилванија, како и во Аризона за која „Фокс њуз“ и „Асошиејтед прес“ веќе известија дека триумфирал Бајден.

Повторното пребројување на гласови ретко ги менува првобитните резултати, а во Висконсин имаше повторно пребројување по тесната победа на Трамп во 2016 година, во кое дојде до незначително менување на бројките, за нешто повеќе од 300 гласови.