Лула да Силва го слави излегувањето на слобода

Кога излезе од затворот во Куритиба во јужен Бразил, по 580 дена, поранешниот претседател Луиз Игнасио Лула да Силва, не беше потполно слободен човек. Тој е само најзвучното име што има корист од одлуката на Врховниот суд донесена во четвртокот, според која им се овоможува на осудените криминалци да останат на слобода додека не ги истрошат сите можни жалби, објавува Блумберг.

Но, за лојалистите на политичкиот лидер, неговото појавување значи и прошка. „Да живее Лула, Лула на слобода“ извикуваа присутните кога Лула се појави кај затворската капија. Не е битно што тој уште се бори против 10-годишната затворска казна за примање на мито во случајот од 2017 година, како и против повеќе обвиненија во други тековни случаи, во рамките на бразилската истрага против корупцијата – „Операција автопералница“. Станува збор за случај поврзан со бразилската градежна компанија „Одебрехт“ која беше во средиштето на најголемиот скандал со корупција во Јужна Америка, а можеби и во светот. „Одебрехт“ е опфатена во „Операција автопералница“, истрагата на бразилската полиција за разоткривање на шемата за перење пари, за која се проценува дека „тежела“ помеѓу две и 13 милијарди долари.

Во поголемиот дел од претходните четири децении, иконата на Работничката партија, која помина еден мандат во Конгресот и два на претседателската функција, беше предводник, гласноговорник и кандидат на левицата. Без разлика дали тој се наоѓаше во опозиција или на власт, зборот на Лула претставуваше закон за неговите истомисленици и им нанесуваше болка на политичките ривали.

Колкава и да е цената на скапата правна битка на Лула (неговата прва осудителна пресуда е наведена на 218 страници), неговиот статус како осамен пророк на левицата ја зауздува политичката разнообразност и го гуши новото лидерство на државата.

Уште позагрижувачки е што Лула помогна во осиромашување на политичкото поле преку неможноста да изнајде, ниту пак да подготви, убедлива замена. Неговата наследничка Дилма Русеф ја срози економијата и беше отповикана, додека партијата никогаш не го прифати поранешниот градоначалник на Сао Пауло, Фернандо Хадад, како негов избор за ривал на сегашниот бразилски претседател Жаир Болсонаро.

Не помогна тоа што, наместо обнова, бразилската политика помина низ распарчување. Националниот конгрес е дом на 28 партии, од кои ниту една нема забележителна платформа ниту политичка визија. Згора, партиите претпочитаат да ги уценуваат претседателите за услуги во замена за гласови. Работничката партија под водство на Лула требаше да биде поинаква, да биде модел за политичка дисциплина и напредок. Но кога дојде на власт, партијата стана доајен на контролирањето на економијата и општеството, на фискалниот хаос и на практиката на наплаќање на услугите – токсично тројство што доведе до еден од најголемите скандали на политичка корупција и до затворањето на Лула.

Благодарение на одлуката на Врховниот суд со која е поништена построгата пресуда од пред три години, Лула сега ќе може да ги води правните битки од удобноста на неговиот дом или во јавноста. Ваквото правно решение може да биде донесено единствено за криминалците со „бела јака“, кои можат да платат адвокати што ќе ја одржуваат машината за жалби во работа додека не истечат роковите на застареност.

Излегувањето на Лула од затвор го враќа во центарот на вниманието на политичката сцена, но не и во изборната арена. Тоа е затоа што иницијативата што самиот Лула ја потпиша во 2010 година, забранува кандидирање за политичка функција во период од осум години за секого што е осуден за корупција.

Но, не се очекува поддржувачите на Лула веднаш да застанат зад него. Неговите најблиски соработници истакнаа дека бразилскиот одговор на Нелсон Мандела, по излегувањето од затвор забрзано ќе работи на враќање на довербата на народот и на обединување на левицата. Мантрата на лојалистите гласи дека Лула е најголемиот политички затвореник на Бразил, но суштината е потполно спротивна – Бразил е политички затвореник на Лула.