Лидерот на опoзицијата во Венецуела, Хуан Гваидо, на средбата со членовите на владата на претседателот на државата, Николас Мадуро, во Барбадос неделава, ќе одржи преговори со цел за решавање на политичката криза. Оваа средба за него, веројатно, ќе претставува најголем предизвик досега. Магазинот „Форин Полиси“ објави интервју во кое Гваидо ги наведува неговите очекувања од средбата.

Тој наведе дека иако се согласил на средба, продолжува да ја смета владата на Мадуро за нелегитимна, но со помошта на медијаторите од Норвешка, САД и регионот ќе се формира главна стратегија, бидејќи според него, каква било изолација во вакви моменти ќе биде огромна грешка и ќе создаде сомнежи кај опозициските приврзаници.

– Јас оваа влада ја сметам за нелегитимна, уште повеќе, нејзините членови ги нарекувам диктатори. Но со помошта на медијаторите од Норвешка, САД и регионот ќе формираме стратегија, бидејќи каква било изолација во вакви моменти ќе биде огромна грешка и ќе создаде сомнежи кај нашите приврзаници – додаде опозицискиот лидер.

Откако Гваидо се самопрогласи за претседател на државата, опозицијата постојано страдаше од внатрешни судири. Но опозицијата не беше единствена која претрпе последици од оваа негова одлука, народот исто така својот револт го изнесе на улиците. Резултат на тоа беа насилните судири меѓу властите и граѓаните, 48-часовните немири и огромната разочараност на поддржувачите на опозицијата.

Додека опозицијата се труди да ја врати довербата на поддржувачите, владата на Мадуро и понтаму го одржува статус квото. Со почетокот на политичките превирања, во јануари, жителите на Венецуела се соочија со често електрично исклучување, неконтролирана инфлација, немаа пристап до неопходни лекарства и здравствени услуги, а многу делови од земјата делумно или целосно немаат пристап до чиста вода. Оваа безнадежна ситуација разочара многумина и ја фрли државата во очај.

На ова, Гваидо одговори дека е нормално граѓаните да имаат мали сомнежи во него, но тие ќе продолжат да се залагаат за мнозинството, ќе стекнат светска поддршка, ќе ги заштитат своите ресурси и дека диктаторскиот режим на Мадуро е разнишан, наслабнат и изолиран.

– Она што го изградивме и постигнавме денес, и покрај соочувањето со диктаторски режим, претставува огромна промена во Венецуела. Поради тоа, нормално е граѓаните да имаат сомнежи, но ние го освоивме мнозинството за кое ќе продолжиме да се залагаме. Добивме светска поддршка, ги штитевме и ќе ги штитиме нашите ресурси, а со тоа ќе ја разнишаме, изолираме и ослабнеме диктатурата – изјави тој.

Гваидо додаде дека го разбира гневот на народот поради преговорите, но повика граѓаните да се фокусираат на пошироката важност. Тој посочи дека мора да се опфатат сите полиња на работа со цел да се изгради рамката за главната стратегија со која ќе се стави крај на узурпацијата, ќе се воспостави влада во транзиција и ќе се одржат слободни избори.

Главна цел кон која ќе се стреми опозицијата, како што наведе Гваидо, е задржувањето на мнозинството обединето и мобилизирано.

– Најважно е мнозинството да остане обединето и мобилизирано. И покрај внатрешните притисоци, тензии и тортури, ние мораме да останеме цврсти – констатира Гваидо.