Веење знамиња, солзи, песни, свирење на шкотски гајди и држење за раце уследија по завршувањето на напорниот, долгогодишен процес за напуштање на Европската Унија од страна на Велика Британија, откако Европскиот парламент го ратификуваше договорот за брегзит. Збогувањето на европарламентарците со нивните британски колеги се случи по синоќешната расправа што траеше два и пол часа. Велика Британија е првата земја што ја напушта Унијата, пренесува „Политико“.

Ваквиот чекор разочара многумина од експерти и официјалните лица од Европската Унија.

– Отсекогаш сум мислел дека земјата која „го измисли здравиот разум“, ќе се врати на здравиот разум – изјави Франс Тимерманс, извршен потпретседател на Европската комисија.

Додека голем дел од британските европратеници кои беа про-ЕУ изразија жалење,
нивните колеги кои го поддржуваа брегзит беа весели.

– Откако ќе ја напуштиме ЕУ, не планираме да се вратиме. Ние ја сакаме Европа, но не ја сакаме толку Европската Унија – изјави еден од најголемите поттикнувачи и поддржувачи на брегзит, Најџел Фараж.

Откако часот на брегзит конечно чукна во парламентот на Велика Британија, членови на Шкотската национална партија засвиреа на традиционалните шкотски гајди додека ги придружуваа пратениците кои го напуштаа парламентот.