Комесарката за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ, оцени дека е потребно „итно да се смири ситуацијата“ во Франција, повеќе од два месеца по почетокот на протестите на „жолтите елеци”, што доведе до „големи тензии“ во земјата, јави дописникот на МИА.

– Високото ниво на тензии кое преовладува во Франција ја зголемува мојата загриженост и сметам дека е потребно итно да се смири ситуацијата – изјави Мијатовиќ.

Таа ова го кажа по нејзиното патување во Париз каде имаше претходно повеќе разговори околу прашањата за човековите права во врска со движењето на „жолтите елеци“.

Комесарката е особено загрижена за „големиот број на повредени, од кои некои се посериозно, за време на протестите”, вклучувајќи ја и употребата на лансери на пластични топки за самоодбрана (ЛБД), се наведува во соопштението на пан-европската организација, задолжена за следење на човековите права, со седиште во Стразбур.

– Има многу повредени и меѓу безбедносните сили кои работат „во тешки услови”, особено поради „непријателство од страна на некои демонстранти”, истакна комесарката, која понатаму изрази „сериозна загриженост од бројот и сериозноста на повредите што произлегуваат од употребата на сила од страна на полицијата.