Рускиот Совет за безбедост на своето денешно заседание оцени дека најавените нови американски санкции кон Русија се целосно нелегитимни од аспект на меѓународното право, изјави портпароилот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Тој нагласи дека на седницата рускиот претседател Владимир Путин и постојаните членови на Советот за безбедност ги разгледале „можните нови непријателски чекори на Вашингтон во форма на трговски ограмничувања“.

Американскиот Стејт департмент во средата соопшти дека САД на 22 август ќе воведат нови санкции кон Русија, поради „употребата на хемиско оружје во обидот за атентат“ врз поранешниот руски двоен агент Сергеј Скрипал во Велика Британија.

Извори во Стејт департментот информираа дека санкциите ќе се однесуваат на извозот во Русија на американски стоки поврзани со националната безбедност, вклучително и на специјализирани нафтени и гасни технологии, електронски уреди и сензори. Забраната на извоз ќе се однесува за „сите руски компании, поддржани или финансирани од државата“.

Рускиот премиер Дмитриј Медведев денеска изјави дека новите американски санкции кон Русија м ожно е да се третираат како објавување економска војна, на која мора да се одговори со сите економски, политички и други мерки.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова вчера најави дека Русија разгледува мерки со кои ќе одговори на американските санкции.
– Руската држава ќе разгледа усвојување на соодветни мерки по овој непријателски чин на Вашингтон. САД свесно го избраа патот на конфронтации во билатералните односи, кои практично се сведени на нула, истакна Захарова на прес-конференција во Москва.

Таа одново ги отфрли тврдења за поврзаност на Русија со труењето на Скрипал и неговата ќерка Јулија, нагласувајќи дека ниту Велика Британија, ниту САД не изнеле докази со кои би ги потврдиле обвинувањата за руска вмешаност во случајот.

– Властите на нашата земја се директно обвинети дека ја употребиле боевата нервно-парализирачка супстанца „Новичок“, иако британската страна досега не можеше да достави никакви докази за вмешаност на Русија, истакна Захарова, додавајќи дека Москва уште минатата година ги уништила сите резерви на хемиско оружје.

Скрипал и неговата ќерка Јулија на 4 март беа пронајдени во бессознание во англискиот град Солзбери и повеќе недели беа во критична здравствена состојба. По излегувањето од болница тие се префрлени на тајна локација од безбедносни причини.

Велика Британија ја обвини Русија за нападот врз Скрипал и неговата ќерка. Москва негираше каква било вмешаност во инцидентот, што доведе до влошување на односите меѓу Русија и Западот.