Во услови на се поголемата недоверба на граѓаните кон властите, потребна е борба против непотизмот и гарантирање на непристрасноста на процедурите за вработување, смета Конгресот на локалните и регионалните власти на Советот на Европа, советодавно тело на оваа паневропска организација во кој се претставени локалните и регионалните власти од сите нејзини 47 земји членки.

Како што јави дописникот на МИА од Стразбур, извештајот на оваа тема и усвоен на пролетната сесија на Конгресот, како дел од глобалната стратегија за борба против корупцијата и промовирање на јавната етика на локално и регионално ниво.

– Локалните и регионалните власти кои сакаат да се борат со фаворизирањето во процесот на вработување, мора да прифатат пристап базиран на идентификување на ризиците, воспоставување на силни превентивни механизми, почитување на процедурите и санкционирање на лошо однесување, изјави холандската пратеничка Вилма Делисен Ван Тонгерло.

Конгресот ги повикува локалните и регионалните власти да ја зголемат транспарентноста на процесите на вработување и унапредување со усвојување на јасни процедури за обезбедување рамноправност и правичност.

Ова тело на Советот на Европа, исто така, ги поттикнува локалните и регионалните власти да воспостават механизми за известување за можни случаи на фаворизирање или конфликт на интереси. Покрај тоа, во својата препорака, Конгресот ја нагласува потребата владите да се вклучат во одредбите на националното законодавство со кои се ублажува ризикот од непотизам.