Советот за безбедност на ОН не успеа ноќеска да постигне обединета позиција за турската офанзива во североисточна Сирија.

Европските членки бараат турската офанзива врз курдските сили поддржани од САД, да биде прекината, додека Русија се залага за воздржаност и директен дијалог на спротивставените страни.

Пред состанокот, пет членки на СБ на ОН изразија желба сите 15 членки да ја поддржат изјавата предложена од САД, откако американскиот претседател Доналд Трамп неочекувано ги повлече сите американски трупи од североисточна Сирија, каде што трае конфликтот меѓу турските и курдските сили.

Според неименуван дипломатски извор, САД предложиле СБ на ОН да усвои изјава во која се изразува длабока загриженост, истакнувајќи ја потребата да се заштитат цивилите и да се повика Анкара да бара дипломатски пристап наместо да се вклучува во воена акција, пренесува Танјуг.

Рускиот амбасадор во ОН, Василиј Набензија, изјави дека треба да се земат предвид и другите аспекти на сириската криза, а не само во турската воена операција, и дека треба да се повика на итно прекинување на нелегалното воено присуство во земјата.