Поранешниот американски разузнавач и свиркач Едвард Сноуден, кој избега во Русија, вели дека благодарение на неговите откритија, тој сега живее во подобар, послободен и побезбеден свет. Во ексклузивното двочасовно интервју во Москва по повод годишнината од објавувањето на неговите мемоари коишто го шокираа светот, Сноуден зборуваше со „Гардијан“ за неговиот нов живот и плановите за иднината.

Тој за прв пат детално објаснува што е тоа што го натерало да открие детали за тајните програми што ги водат американската агенција за национална безбедност (НСА) и британскиот центар за тајни комуникации. Тој вели дека е загрижен поради настојувањето на американската влада, со помош на големите интернет компании, да собираат податоци за сите на земјата, бележејќи податоци за нивните секојдневни животи. Тој, наводно, се помирил со фактот дека ќе го помине остатокот од животот во Русија. Сноуден открива дека тајно се оженил со својата партнерка. Иако повеќе би сакал да биде во САД или Германија, тој вели дека во Русија е опуштен и способен да води повеќе или помалку нормален секојдневен живот.

Според него, тој сега помалку се плаши отколку кога за прв пат пристигнал во 2013 година, кога се чувствувал осамен, изолиран и параноичен поради можноста на улица да биде ликвидиран од агентите на САД кои бараат одмазда.

-Јас бев личноста која најмоќната земја во светот сакаше да ја отстрани. Не им беше важно дали сум во затвор. Само сакаа да ме отстранат, рече Сноуден.

Како што вели, тој ги оставил марамите, капи и палта коишто порано ги користел за маскирање, затоа што сега слободно се движи низ градот, го користи метрото, посетува уметнички галерии или балет, се дружи со пријателите во кафулиња и ресторани.

Стравувањата дека рускиот претседател Владимир Путин би можел да го предаде како подарок на Доналд Трамп, исчезнале оној момент кога заладија односите меѓу Москва и Вашингтон.

Сноуден (36) живее во двособен стан во предградието на Москва, заработува главно од предавања и разговори со студенти, активисти за граѓански права и други во странство преку видео повици. Тој доби привремен азил кога првпат пристигна и сега има постојан престој, што може да се обновува на секои три години. Тој сака да патува и иако е ограничен на една земја, посетил градови како што се Санкт Петербург и црноморското одморалиште Сочи.

-Една од работите што се губи во целата проблематична политика на руската влада е фактот дека ова е една од најубавите земји во светот. Луѓето се љубезни и топли. Кога дојдов, не разбрав ништо од тоа. Бев преплашен од ова место затоа што, се разбира, тие беа голем непријател, а тоа е како агент на ЦИА гледа на Русија, вели Сноуден.

Тој живее во Русија од 2013 година, откако откри информации за НСА за илјадници тајни документи поврзани со масовно набљудување. Тој не може да ја напушти земјата од страв за екстрадиција во САД, кои издадоа налог за негово апсење.

Шест години подоцна, Сноуден е еден од најпознатите бегалци во светот: беше направен документарен филм за него кој освои Оскар, холивудски филм, а за него се напишани повеќе од десет книги. Како резултат на неговите откритија, воведени се нови закони за надзор во САД и Велика Британија, а интернет-компаниите воведоа заштитни мерки како одговор на реакциите во јавноста.