Едвард Сноуден изјави дека би сакал францускиот претседател Емануел Макрон да му даде политички азил по изјавата на една министерка во неговата влада дека би сакала да го стори тоа, според „Москва тајмс“.

Француската министерка за правда, Никол Белубет, изјави дека ја поддржува идејата за обезбедување азил на Сноуден, но веднаш објасни дека тоа е нејзино лично гледиште и дека не станува збор за официјална понуда.

Сепак, Сноуден во интервју за француското „Интер радио“ изјави дека во 2013 година поднел барање за азил во Франција кај поранешниот претседател Франсоа Оланд.

– Секако дека посакувам Макрон да ми даде азил. Но, не станува збор само за Франција, туку за Европа, се работи за системот што го имаме. Заштитата на свиркачи не е непријателски чин. Да му речеш некому како мене добредојде не е напад на Соединетите Држави – рече Сноуден.

Во интервјуто пред неколку дена за германски „Ди велт“, Сноуден рече дека сè уште е заинтересиран за азил во Германија, што го пријавил пред неколку години.