За следењето на убиениот саудиски новинар Џамал Кашоги користен е софтверот „Пегаз“ на израелската компанија „НСО“ наменет за кибер-контрола, изјави Едвард Соуден, поранешниот соработник на американската Агенција за национална безбедност (НСА).

Денес, „НСО“ е меѓу водечките компании за продажба на софтвери за дигитална кражба, кои се користат за кршење на човековите права на дисидентите, опозиционерите и активистите, кажа Сноуден, дека активностите на компанијата се предаторски.

Тој на учесниците на затворената конференција за кибер-безбедност им се јавил од непозната локација во Русија, а не бил присутен поради стравот дека ќе биде предаден на американските власти наведува „Ерусалим пост“.

Тој ја обвинил „НСО“ за продажба на софтвер што може да се користи и за дигитални кражби, а не само за апсење на криминалци и за спречување на терористички напади.

Сноуден смета дека следењето на мејловите и на телефонските разговори на граѓаните може да предизвика безбедносните агенции да донесат погрешни заклучоци во комплицирани ситуации.

Тој предупредува дека постои можност приватните агенции за обезбедување во еден момент да имаат голема моќ над граѓаните, односно дека владите нема да можат да го контролираат тоа.

Иако Израел е меѓу најблиските сојузници на САД, а сепак, редовно е на врвот на листата на хакери, покрај Русија и Кина.

Сноуден  се осврна и на компанијата „Фејсбук“, порачувајќи дека таа не се грижи за безбедноста на граѓаните, државите и за политичкото определување, односно дека нејзин единствен интерес претставуваат податоците на луѓето.

Соуден стана познат на јавноста во 2013 година, кога го обелодени масовното прислушкување на американските граѓани од НСА, а моментно е во Русија која му даде азил. Во САД е обвинет за шпионажа и кражба на државните тајни, но тој сепак тврди дека ја сака својата земја и дека се надева оти ќе се врати во неа.