Поголемиот дел од Западна Европа се бори со силната зимска бура Дарси, која донесе невообичаено големи врнежи од снег и пад на температурата и доведе до нарушувања на сообраќајот и прекинување на електричната енергија во многу области во Англија и Германија. Како што пренесува „Еуроњуз“, во Холандија властите прогласија ретка вонредна ситуација, наречена црвен код. Поради тоа што невремето доаѓа од истокот на Европа, од Црно Море, медиумите го нарекоа Ѕверот од Истокот. Во меѓувреме германската железница „Дојче бан“ објави дека сообраќајот сѐ уште е во прекин во делови од Централна и Северна Германија и дека возовите на долги релации не сообраќаат на правците североисточно од Франкфурт, западно од Берлин или југозападно од Хамбург Паралелно на ова, Дарси во Велика Британија доведе до нагло опаѓање на температурата до -13 степени и навеа триесет сантиметри снег во некои делови на земјата. Ситуацијата дополнително ја влошуваат силните зимски ветрови, кои создаваат наноси на патот и ги кинат електричните кабли, што остави многу населени места без електрична енергија. Возачите се предупредени за голомразица и снежни наноси на патиштата, што веќе доведе до голем број сообраќајни несреќи. Метеоролозите предупредија дека ваквите временски услови ќе траат до петок, со натамошно зголемување на снежната покривка.