фото: илустрација

Во воздушен напад, силите на САД го ликвидираа Абдулхаким Дукуб, заменик-лидерот на сомалиските екстремисти поврзани со Исламската држава (ИД) во Сомалија. Американскиот неделник „Тајм“ информира дека нападот бил спроведен во близина на селото Ксириро во северна Сомалија, а смртта на Дукуб ја потврдија официјални лица на војската на САД.

Ликвидираниот Дукуб бил одговорен за дневните операции на екстремистичката група, планирал напади и собирал ресурси, стои во соопштението на војската на САД.

Воздушниот напад бил извршен врз возило за кое американската војска имала сознанија дека го пренесува заменикот на лидерот, а во офанзивата немало загинати и повредени цивили.

– Продолжуваме да работиме со нашите партнери од Сомалија за да го одржиме притисокот врз терористичките мрежи ал-Шабаб и ИД – рече првиот човек на африканската команда на САД во Африка, генерал мајор Грег Олсон.

Делувањето на американските сили се случило додека екстремистите патувале од нивната база кон планинските села во регионот.

Огранокот на ИД во Сомалија беше формиран на крајот од 2015 година, кога екстремистите во Пунтланд се издвоија од терористичката мрежа ал-Шабаб, која е поврзана со Ал Каеда. Новиот лидер на групата, Абдулкадир Мумин вети верност кон ИД, најверојатно под влијание од кампањата на групата на социјалните мрежи, конретизира неделникот.

Од мај 2017 година, групата спроведуваше напади против безбедносните сили во регионот и често пати се судираше со значително поголемата група на борци од ал-Шабаб.