Направи како што велиме или умри, гласеше анонимната смс-порака испратена до судските чиновници кои учествуваат во истрагата за атентатот на поранешниот претседател на Хаити Жовенел Моиз. Но смртните закани се само една од потешкотиите во истрагата. Според повеќе извори, истражителите се соочуваат со бројни пречки, вклучувајќи го пристапот до местото на злосторството, сведоците и до доказите, објавува „Си-ен-ен“.

Извори блиски до истрагата истакнуваат збунувачки превиди во протоколот кои резултираа со отсуство на клучни информации за судските истражители кои биле завлекувани во повеќе наврати кога се обиделе да ги гледаат снимките од безбедносните камери кои ги има полицијата. Згора, на судските истражители не им било дозволено веднаш да пристапат до местото на злосторството.

Членовите на претседателското обезбедување, кои се потенцијални клучни сведоци, биле отстранети од претседателската резиденција или им било дозволено да ја напуштат пред да бидат интервјуирани, според наодите на „Си-ен-ен“, во кои се наведува и можно непочитување на стандардната постапка за собирање на докази.

Неизвесноста во истрагата ги поттикнува сомнежите дека организаторите на атентатот ќе бидат изведени пред правдата.

– Птиците грабливки се на улиците, а нивните окрвавени канџи се уште бараат плен – кажа Мартине Моиз, сопругата на убиениот претседател на Хаити.