Саудиска Арабија осуди на смртна казна пет лица во врска со убиството на новинарот Џамал Кашоги.

Уште три лица се осудени на затворска казна од 24 години, пренесе српски „Телеграф“.

Истакнатиот новинар и колумнист на „Вашингтон пост“ беше убиен по влегувањето во саудискиот конзулат во Истанбул во 2018 година.

Новинарот на возраст од 59-години го посетил конзулатот со цел да ги достави личните документи во пресрет на неговата свадба со свршеничката, Турчинката Хатиџе Ченгиз. Тој никогаш не го напуштил објектот, каде се верува дека бил исечен на делови, иако остатоци од неговото тело засега не се пронајдени.

На почетокот Саудијците тврдеа дека Кашоги излегол од конзулатот и дека тој бил убиен во борба со непријателски саудиски агенти, но на крајот саудискиот државен обвинител призна дека убиството на Кашоги било испланирано.

Кашоги, кој често го критикувал саудискиот принц, живееше во САД токму зошто стравувал за својот живот во Саудиска Арабија.

Саудиска Арабија тврди дека принцот Мохамед бин Салман и кралот Салман не знаеле ништо за планираното убиство на Кашоги.

Меѓутоа, американски официјални претставници тврдат дека таква мисија, вклучувајќи и 15 саудиски агенти кои од Ријад заминале во Истанбул непосредно пред убиството, не можела да биде извршена без дозвола на принцот Бин Салман.

Сепак, специјалниот извештај на ОН не презентираше заклучоци за вина на котроверзниот саудиски принц.