Британскиот министер за одбрана, Гавин Вилијамсон, кого премиерката Тереза Меј го смени вчера поради наводно објавување на информации од затворениот состанок за кинеската телекомуникациска компанија „Хуавеј“, категорично негираше дека е одговорен за обeлоденување на информации од тој состанок.

-Жалам што мислите дека моето министерство е одговорно за неодамнешното протекување на информации од состанокот на Советот за национална безбедност. Јас недвосмислено верувам дека тоа не беше случај- пишува Вилијамсон во писмо до Тереза Меј, кое тој го објави вчера на Твитер.

Истрагата беше покрената минатата недела, откако медиумите пренесоа дека Советот, кој се состанува зад затворени врати, одлучил да ѝ дозволи на компанијата „Хуавеј“ да учествува во некои аспекти на новата британска безжична 5Г комуникациска мрежа.

Британската Влада инсистира на тоа дека таква одлука не е донесена.