Колекцијата на фотографии со голи девојки откриени во сеф во домот на финансиерот Џефри Епстајн во Менхетн, ги продлабочува прашањата за постапувањето на американското обвинителство со случајот во кој имаше спогодба во 2008 година, но доказите можеби нема да бидат пресудни во сегашното судење на осомничениот, кое во поголема мера зависи од формулацијата на обвиненијата, според американските медиуми.

Новите обвиненија за организирање на мрежа за секс-трговија зависат од толкувањето на „само еден збор“, сметаат упатените во случајот. Клучниот термин во спогодбата од 2007 година е „сеопфатно“, а иднината на Епстајн би можела да зависи од важноста на овој збор за судот. 

– Овој збор е неговата најдобра надеж – вели професорката по право Лори Левенсон.

Одбраната на Епстајн тврди оти со претходната спогодба се отфрлаат сите обвиненија против нивниот клиент и дека таа не може да биде поништена, откако Епстајн се изјасни за невин пред судот.

– Таа делуваше како сеопфатно решение за сите во тој момент, вклучувајќи го мојот клиент – посочи одбраната.

Обвинителството не се согласува со ваквите тврдења. Обвинителот Џефри Берман смета дека невообичаената спогодба не го спречува криминалното гонење на Епстајн. Тој смета дека спогодбата е обврзувачка само за сојузната држава Флорида каде што е склучена. Начинот на кој е составена спогодбата има нејаснотии, а правните експерти сметаат дека таа е прилично површна, но и дека аргументите на одбраната веројатно нема да бидат усвоени.

Според обвинението познатиот бизнисмен предводел операција за секс-трговија која намамила голем број на малолетни девојки на возраст од 13-14 години во неговиот дом, во периодот помеѓу 2000 и 2005 година. Тој беше уапсен во саботата на аеродром во Њу Џерси, по неговото враќање од Франција. Епстајн се соочува со максимална затворска казна од 45 години. Властите идентификувале 36 потенцијални жртви, а медиумите проценуваат дека нивната бројка би можела да достигне стотина девојки.