Прогласувањето на Дерек Шовен за виновен за сите обвиненија на рочиштето во Минеаполис е редок случај во кој американски полицаец одговара за убиство на Афроамериканец во САД, пишува „Фајненшл тајмс“.

Убиствата од страна на полициски службеник во САД се чести, но ретко истите полицајци одговараат пред законот. Нивното прогласување за виновни е уште поретко.

– Најчестото прашање што го добивам е, дали полицаецот ќе биде осуден на затворска казна – изјави Брајан Дан, кој 26 години ги води ваквите случаи против полицијата, рече пред да се прочита пресудата за Шовен.

Според базата на податоци која ја води Филип Стинсон, криминолог од Охајо и поранешен полицаец, околу илјада лица годишно се убиени од страна на полициски службеници. Помалку од два отсто од тие смртни случаи резултираат со обвиненија поднесени против полицајците кои се сторители на делото.

Стинсон открива дека од 2005 година досега, 140 полицајци биле уапсени и обвинети за убиство за време на должноста. Од нив, на 97 полицајци им се судело, а само седум биле прогласени за виновни. Останатите случаи биле отфрлени или пак, резултирале со ослободителни пресуди.

– Како генерално правило, полициските службеници не сакаат да апсат други полициски службеници – вели Стинсон.

Судиите кои се учени да им веруваат на полицајците како на авторитет од доверба, не се склони кон сомневање кога станува збор за нивните моментни одлуки, доколку полицајците веруваат дека нивниот живот е во опасност и постапуваат насилно.

– Судиите веруваат дека прекумерната употреба на сила е всушност дел од работата на полицајците и, според тоа, не е работа за која треба да се одговара кривично – вели Кели Велч, социолог од универзитетот „Виланова“ во Пенсилванија.

Пресудата на Шовен покажа дека животот на Џорџ Флојд навистина му значи на судскиот систем во САД. Смртта на Флојд ја прели чашата откако низа афроамериканци беа убиени од страна на полицијата во сомнителни околности, а резултираа без обвиненија.

Сега, милиони Американци со надеж чекаат да видат дали случајот на Флојд ќе ги поттикне политичарите да обезбедат правда преку реформи во полицијата, како и  искоренување на системскиот расизам во земјата.