Дмитриј Песков и ќерка му Јелисавета

Повеќе европски пратеници изразија загриженост по појавувањето на веста дека Jeлисавета Пескова, ќерката на портпаролот на Кремљ и близок соработник на Владимир Путин, Дмитриј Песков, стажира за француски претставник во Европскиот Парламент (ЕП), јавува британски Би-би-си.

Франциускиот десничар Емерик Шаупрад за медиумите кажа дека Пескова започнала со своето стажирање во ноември 2018 година, со истото ќе заврши во април.

По појавувањето на оваа информација, повеќе пратеници од ЕП реагираа, бидејќи сметаат дека таа би можела да има пристап до информации од разни состаноци и бази на податоци.

Од друга страна, портпаролот на ЕП изјави дека Пескова има пристап само до јавни податоци.

Која е Пескова?

Јелисавета (Лиза) Пескова неколку години студира на правниот факултет во Париз, а според нејзината активност на социјалните мрежи може да се забележи дека таа не се воздржува од давање на лични политички коментари. Пред неколку години, таа на мрежите објави фотографии од пристаниште на Крим, територија која Русија ја анектираше од Украина во 2014 година, пишува Би-би-си.

Неодамна, таа ги коментираше и француските „жолти елеци“ и споредувајќи ги протестите во Парис со „зомби-апокалипса“.

Нејзиниот татко, Дмитриј Песков е долгогодишен секретар (портпарол) на Кремљ и еден од најблиските соработници на Владимир Путин. Минатиот месец, Песков силно ја критикуваше Европската Унија поради сакнциите за двајцата Руси кои беа обвинети за труењето на Сергеј Скрипал и неговата керка во Велика Британија.

– Пред престојните избори за Европскиот Парламент во мај, постојат стравови дека Русија има намера да влијае врз целиот процес, особено во Франција, но и на повеќе други локации во Европа – пишува Би-би-си.

Кои се стравовите на пратениците?

Главното прашање кое се поставува е всушност до кои информации има пристап ќерката на портпаролот на Кремљ.

Со нејзиниот престој во Франција, на Лиза Пескова и е дозволено да работи во Парламентот само како практикант и нејзиниот шеф, пратеникот Шаупрад инсистира дека таа има пристап само до информации кои се јавни и дека ништо не се работи тајно. Шаупрад додатно тврди дека Пескова нема информации ниту за работата на руско-европската делегација во кој тој членува.

Шаупрад, кој е поранешен меѓународен советник на десничарката Марин Ле Пен е познат поддржувач на руското анектирање на Крим. Тој исто така е потпреседател на групацијата Европска слобода и директна демократија, која е водена од британскиот ЕУ-скептик Најџел Фараж.

Дополнително, портпаролот на Парламентот потврди дека Пескова може да присуствува на било кој јавен состанок на пратеници или делегации, освен ако не е прецизирано дека состанокот треба да биде таен и надвор од очите на јавноста. Дополнително е објаснето дека практикантите немаат пристап до доверливи документи, но имаат можност да ги пребаруваат базите на податоци на мејловите пристигнати во Парламентот.

– Повеќе пратеници од ЕП рекоа дека стажирањето на Пескова кај францускиот пратеник е во спротива на сите безбедносни стандарди и посочија дека вработувањето на ќерката на близок соработник на Путин е навистина изненадувачко – пишува реномираниот британски весник.