Најновиот производ кој се употребува во политичката кампања на Доналд Трамп се пластичните сламки за пиење. Ваквата одлука, да се политизираат сламките за пиење и да бидат пласирани под името „Да ги направиме сламките повторно големи“ по примерот на мотото на Трамп за време на неговата претседателска кампања „Да ја направиме Америка повторно голема“, е претставена како спротивност на хартиените и обновливи цевки на демократската партија, кои „едноставно не функционираат“, пренесува „Политико“.

Чекорот да се споредат хартиените сламки со ставовите и постапките на Демократската партија беше сосема лесен за Брад Парскеил, кој веќе една деценија работи за семејството на Трамп. На Твитер, тој напиша „преку глава ми е од хартиените сламки на нивниот „либерален прогрес“. Токму ова ќе го сторат и со економијата, ќе ја згмечат додека не престане да работи“.

Платичните сламки на Трамп, кои се продаваат по 10 парчиња во пакување, се доказ дека се може да биде претворено во маркетиншки трик и да биде продадено.

Според кампањата, сламките донеле заработка од 456.000 долари откако биле пуштени во продажба на 19 јули. Тие можат да бидат повторно употребливи и да се рециклираат, а дел од демократите го позравија овој чекор на Трамп, потег кој навистина зачудува, бидејќи тие честопати го обвинуваат Трамп дека не се грижи за животната средина.

– Мислам дека ваквиот потег на Трамп е истовремено брилијантен и подмолен. Искористувањето на пластичните сламки и нивно претворање во профит, а истовремено и добивање на политичка пропаганда е навистина неверојатно – изјави Тара Меккован, која е дел од движењето за климатските промени и служеше како дигитален стратег во кампањата на Хилари Клинтон во 2016 година.

Сепак, најпопуларниот производ на кампањата на Трамп остануваат црвените капчиња на кои пишува „Да ја направиме Америка повторно голема“. Тимот на Трамп и неговите маркетиншки продукти се почесто се со натписи против политичката коректност. За време на сезоната во НФЛ-лигата во американски фудбал, кампањата на Трамп го пушти во продажба дресот „Стани за Америка“, со акцент на знамето на САД, направено со цел да ги исмева оние спортисти кои клекнуваа за време на химната, со цел да протестираат против полициската бруталност и администрацијата на Трамп.

Друга актуелна политичка тема која продаде многу шолји за кафе беше наводната вмешаност на Русија во претседателските избори во 2016 година. Натписите гласеа „Лов на вештерки“ и „Нема вмешаност“.

Овој чекор на малопродажба на вакви производи е иновативен начин за привлекување на донации за политичката кампања. Од една страна, луѓето купуваат и добиваат производи, а од друга страна нивните пари завршуваат во целите на кампањата за која вообичаено тие не би донирале. Според податоците, половина од оние што купиле „Трамп сламки“ никогаш претходно не донирале пари за кампањите со политички цели.

Нареден производ беа маичките со старото американско знаме со 13 ѕвезди, а пораката беше навистина кратка и јасна, „Покажете ја љубовта кон нашето знаме“. Овој продукт генерираше 500.000 долари за само четири дена.

Идејата е едноставна, луѓето знаат за што е поборник и што претставува претседателот Трамп, па затоа е лесно да се доловат неговите постапки и да се претворат во продукт кој лесно може да се продава.