Смртната казна на Родни Рид е предвидена за 20 ноември

На две недели пред закажаното погубување на Родни Рид (51), се зголемува притисокот врз гувернерот на Тексас Грег Абот за ослободување на затвореникот осуден на смртна казна, поради зголемениот број на тврдења и докази кои ја сугерираат неговата невиност, пишува „Њузвик“.

Рид ги помина изминатите две децении во исчекување на смртната казна откако беше осуден за силување и убиство на 19-годишната студентка Стејси Ситис, која била задавена со колан во Тексас во 1996 година.

Полицијата првобитно се сомневаше во свршеникот на Ситис, Џими Фенел, кој тогаш бил полицаец, но Рид беше уапсен откако неговата семена течност била пронајдена во телото на жртвата. Адвокатите на Рид тврдеа дека доказот бил пронајден бидејќи нивниот клиент и Ситис биле во врска. Од друга страна, коланот со кој било извршено убиството никогаш не бил тестиран за ДНК-докази, додека отпечатоците на обвинетиот не биле пронајдени на местото на злосторството.

Во пресрет на егзекуцијата предвидена за 20 ноември, случајот на Рид добива се поголемо внимание во јавноста, откако активистите што се залагаат за неговата невиност тврдат дека постојат силни недоследности во првобитната истрага, што сугерираат дека тој не го извршил злосторството.

Пејачката Ријана, моделот Џиџи Хадид и раперот Баста Рајмс, се меѓу бројните славни личности кои се залагаат за спречување на смртната казна за Рид. Тие апелираат до јавноста да ја поддржи интернет-петицијата против егзекуцијата, која досега собра над 850 илјади потписи.

– Ве молам гувернеру Абот, како можете да погубите човек за кого, по неговото судење, се појавија голем број на докази што го ослободуваат од вина, а дури го вмешуваат другиот осомничен. Ве молам да го сторите исправното дело – напиша Ким Кардашијан на Твитер.

Непрофитната организација која бара Рид да биде ослободен поднесе барање за негово помилување, по сознанието за писмена изјава на поранешен затвореник кој тврди дека свршеникот на жртвата му признал оти ја убил Ситис, додека биле заедно во затвор. Во тоа време Фенел отслужувал 10-годишна затворска казна за киднапирање и силување додека бил на полициска должност, во случај од 2007 година..

Истата организација бара отфрлање на ДНК-доказите и наведува дека тројца експерти за форензика признале дека направиле грешки при нивното сведочење во првобитната истрага.

Одборот за условни казни на Тексас исто така испратил писмо до гувернерот барајќи помилување на Рид, сметајќи дека неговата егзекуција без потполна сигурност во вината ќе придонесе за нарушување на довербата на јавноста во правниот систем на Тексас.