Светот може да извлече поука од искуството со шпанската треска при справувањето со новиот коронавирус, наречен Ковид-19, бидејќи и двата вируса го напаѓаат респираторниот систем, пренесува Би-би-си. Најголемата епидемија во историјата предизвикана од шпанската треска, се претпоставува дека усмрти 50 милиони луѓе во периодот помеѓу 1918 и 1919 година. Безмалку една третина од тогашната светска популација била инфицирана, односно околу 500 милиони луѓе.

Голем број од луѓето кои починаа од новиот коронавирус подлегнаа на пневмонијата, најчесто поради нивниот ослабнат имунитет. Слично како и со шпанската треска, коронавирусот брзо го напаѓа телото и имунолошкиот систем не може да се справи со вирусот.

Смртноста од коронавирусот е далеку помала во однос на шпанската треска. Тоа во одредена мера се должи на справувањето со шпанската треска, што ги наведе светските власти да работат на развојот на јавните здравствени системи, со цел да се спречи ширењето на вирусите во иднина. 

Светот тогаш научи дека третирањето на инфицираните случај по случај не би било доволно, а доколку се појави пандемија во урбаните средини, државите ќе мораат да се мобилизираат како во случај на војна. Карантините, одделувањето на оние кои покажуваат симптоми од другите кои се хронично болни, како и ограничувањето на пристапување до одредени области и забрана за движење се чекорите кои водат до згаснување на пандемиите. 

Голем дел од мерките преземени за спречување на коронавирусот кои ги гледаме денес низ светот се директна последица од лекциите научени од шпанската треска.

Сѐ уште не се знае точното потекло на шпанската треска. Според некои теории, треската потекнува од Азија, според други, од самите Соединети Американски Држави. Се претпоставува дека округот Хаскел во Канзас е една од можните точки на потеклото на епидемијата, поради големиот број на фарми со свињи, како и поради фактот што низ областа минувале рутите на 17 видови птици-преселници.

Друго место како можно потекло на треската е и кампот Хјустон, исто така во Канзас, откаде што се претпоставува дека американските војници го пренеле во Европа за време на Првата светска војна. Друга претпоставка е дека птиците биле изворот на заразата, а стапката на смртност била поголема кај децата помлади од пет години, како и кај лицата над 65 години.

Изненадувачки, стапката на смртност од шпанската треска била значително висока кај лица на возраст од 20 до 40 години, и покрај тоа што овие лица биле потполно здрави и во добра состојба пред да се заразат и да починат.

За вирусот тогаш немало лек, а здравствените службеници биле принудени да се служат само со средствата за дезинфекција, ставање на заразените под карантин и миење на рацете. За време на Првата светска војна, голем број војници патуваа насекаде низ светот. Треската се прошири во Европа и САД помеѓу април и септември 1918 година. Набрзо, ширењето во САД како за момент да престана, за потоа да удри уште посурово и посмртоносно.

Во октомври истата година, треската уби околу 195 илјади Американци, по што беше прекинато служењето на воениот рок.

Сепак, властите во САД одбивале да признаат дека ситуацијата е надвор од контрола. На 28 септември била закажана голема парада во Филаделфија, што властите одбивале да ја откажат. Весниците исто така одбивале да печатат написи напишани од докторите, парадата се одржала и резултирала со смртта на дополнителни 12.000 луѓе во следните шест недели.

По завршувањето на Првата светска војна, пандемијата полека стивнувала. Над четири милиони војници се вратиле од Европа кон САД. Тие биле сместени во тесни соби на бродови, а потоа и во воените бази по враќањето на американското тло. Над две илјади домови биле ставени под карантин, а во јануари 1919 година треската повторно удрила, но овојпат траела кратко, до летото истата година, по што пандемијата стивнала.

Шпанската треска и секој нејзин бран бележи промена и мутација на вирусот, а убивал сѐ повеќе и повеќе луѓе. Светските влади давале сѐ од себе за да ја смират ситуацијата и да го стават вирусот под контрола. На самиот крај, пандемијата на шпанската треска се изгубила сама по себе. Лекција од шпанската треска треба да биде важноста на информирање на јавноста, подготвеноста и потребата за ефикасно справување со вирусот и спречување на појавата на пандемиите.