Талибанците седат на минерално богатство вредно речиси трилион долари по преземањето на контролата врз Авганистан, но сѐ уште зависат од меѓународната помош и веројатно ќе се соочат со финансиска криза бидејќи државните резерви во странство им се недостапни, а надворешните донатори веќе ја откажуваат финансиската помош.

Иако Авганистан е една од најсиромашните земји во светот, американските геолози во 2010 година открија дека таму има минерални наоѓалишта во вредност од речиси трилион долари, што би можеле значително да влијаат врз економијата на Авганистан. Железо, злато, бакар, ретки минерали и литиум можат да се најдат во многу авганистански провинции.

– Авганистан е еден од најбогатите региони со традиционални благородни метали, но и метали потребни за економијата во развој – вели научникот Род Шуновер, основач на „Групата за еколошка иднина“.

Гувернерот на Централната банка на Авганистан откри дека државните резерви во странство изнесуваат девет милијарди долари, но оти администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден наредила замрзнување на резервите кои се наоѓаат во американските банки. Најголемиот дел од авганистанските средства, во вредност од околу седум милијарди долари, се наоѓаат во Федералните резерви на САД. Германија исто така објави дека ќе ја сопре помошта за Авганистан, која годинава требаше да изнесува 430 милиони евра. Странската помош до владата на Авганистан опфаќаше 42,9 отсто од БДП на Авганистан.

Според извештаите изготвени за Обединетите нации, НАТО и за американските разузнавачки агенции, главниот извор на финансирање на талибанците претставува оданочувањето на извозот од рударството, што претставува една третина од нивните приходи. Донациите од богатите поддржувачи, пак, им носат до 240 милиони долари. Екстремистичката група во последните неколку години се стекна со поголема независност во однос на финансиските поддржувачи меѓу кои се Иран, Пакистан и земјите од Персискиот Залив, но минатогодишниот прилив од 1,6 милијарди долари се смета за недоволен за управување со државата.

Војната, отсуството на инфраструктура, како и големите суши, пак, го оневозможија вадењето на минералните суровини во минатото. По хаосот кој настана со заминувањето на САД од Авганистан, земјите од соседството, главно Кина, Пакистан и Индија, можат да ја искористат шансата и да се обидат да стекнат корист. Американската влада, наводно, проценила дека депозитите на литиум во Авганистан би можеле да им конкурираат на оние во Боливија, каде што се наоѓаат најголемите резерви во светот.

Побарувачката за литиум и кобалт, како и реткиот елемент неодимиум, се зголемува откако земјите се обидуваат да се префрлат на користењето на електрични автомобили и други чисти технологии, во обид да ги намалат емисиите на јаглерод. Кина, Демократската Република Конго и Австралија засега учествуваат во 75 отсто од глобалното производство на литиум, кобалт и на ретки минерали.

– Доколку Авганистан има мир барем неколку години и се дозволи развој на рударството, земјата би можела да стане една од најбогатите во регионот во рок од една деценија – објаснуваат од американскиот геолошки институт.

Иако досега имаше извесно ископување на злато, бакар и железо, вадењето на литиум и ретки минерали бара многу поголеми инвестиции и техничко знаење, како и време, со што тие засега се далеку од дофатот на талибанците.

– Талибанците ја презедоа власта, но преминот од милитантна група во национална влада ќе биде далеку од едноставен, така што ископувањето на овие суровини најверојатно е неколку години далеку од дофат за нив – рече Џозеф Паркес, аналитичар за безбедност.