Само пред неколку недели, поранешниот италијански премиер и контроверзен политичар, Силвио Берлускони, во средина на неговата кампања за Европските избори, беше пренесен во болница за итна операција. Според многумина, ова беше крај на политичката кариера за 82-годишниот Италијанец, чие политичко минато го проследија секс-забави и бројни гафови. Но, Берслускони повторно успеа да се врати на политичката сцена, пишува „Индепендент“.

Ова не првпат Берлускони да се соочува со здравствени проблеми, па така во 2016 година тој беше на операција на срцето по која успешно се опорави.

Често посрамуваниот политичар многу пати во минатото беше прогласуван за политички „мртов“, за потоа успешно и со триумф да се врати на сцената. Овој пат, стана од болничкиот кревет за да и се врати на неговата кампања и по Европските избори, е избран за пратеник во Европскиот Парламент.

Резултатите од изборите за Берлускони се првиот чекор кон враќање на патот кон коридорите на моќта, откако беше принуден да се откаже од пратеничкото место, по пресудата за даночна измама во 2015 година. Италијанските судови лани ја прекинаа неговата забрана за вршење на јавни функции, поради негово добро однесување.

По успешното враќање на политичката сцена, Силвио Берлускони кажа дека ќе продолжи да се бори за целите на неговата партија Форца Италија.

– Ние сме незаменливи и без Форца Италија центарот не може да победи. Ќе останам во Брисел единствениот против анти-европскиот национализам. Не можам да направам повеќе од тоа што имам направено. Го дадов својот максимум – рече Берлускони.

Политичарот од Италија беше принуден да даде оставка од премиерското место во 2011 година, откако земјата доживеа економски крах, што го отвори патот за технократска влада.

Во последните години додека беше на премиер, неговиот мандат беше проследен со обвинувања за корупција и шпекулации за „бунга бунга“ секс-забави во неговата раскошна вила во близина на Милано. Тој беше обвинет и за незаконски секс со малолетната 17-годишната егзотична танчерка Руби, но беше ослободен по жалбата, откако повеќе старлети кои биле сведоци потврдија дека средбите на Берлускони со танчерката биле само „елегантни вечери“.

Тој ја најави својата кандидатура за Европските избори во јануари, велејќи дека на неговите прекрасни 82 години се чувствува како има обврска за тргне кон Европа, каде постои недостаток на длабоки размислувања за светот. Оттогаш, тој работеше и ги промовираше своите политики за зголемување на популарноста, како намалување на даноците и правата на животните, посочува „Индепендент“.

Сепак, многу се има променето откако Берлускони ја напушти премиерската функција. Неговите гласачи сега го поддржуваат десничарот и популист Матео Салвини и тој не е ни близу до неговите гласови и политичко влијание.

Берлускони се гледа себеси како мудар државник со многу искуствно во меѓународните односи. Но во реалноста и додека беше на позиција, тој често ја посрамуваше Италија на меѓународната сцена и згрозуваше еврократите со неговите незрели шеги, констатираат од британскиот весник.

Многу експерти сметаат дека контроверзниот италијански политичар има амбиции да стане претседател на Италија. Но, овој негов сон го снема заедно со неговите гласови. Најверојатно, неговото вистинско политичко наследство ќе биде корозија од политичка верба предизивикана од корупцијата и евтини скандали кои ја одбегнуваа неговата кариера и ја валкаа политиката во Италија, ироично создавајќи услови за појавување на нова генерација на популистички сили во земјата.