Илустрација: Фајненшел тајмс

Кризата со коронавирусот може да го разоткрие апсурдот на автократијата

Автор: Џамил Андерлини

Фајненшел тајмс

Низ кинеската историја се сметаше дека владеењето на царската лоза следеше шема позната како династички циклус. Според неа, силниот, обединувачки лидер формира царство што ќе има свој подем, процут и пад, ќе го загуби „небескиот мандат“ и ќе биде соборен од следната династија.

Слично на европското „божествено право на кралевите“, небескиот мандат се разликува по тоа што не наложува царот безусловно да владее со Небеското царство (Кина). Од друга страна, на змејскиот трон, „небескиот син“ имал целосна моќ врз неговите поданици. Тој не морал да биде благородник, но можел да го загуби небескиот мандат ако бил неблагодарен, неправеден или некомпетентен. Правото на народот да се бунтува било имплицитно загарантирано ако во рајот се јавело некакво незадоволство. Природни катастрофи, глад, чума, инвазија, па дури и вооружено востание се сметаа за знаци дека бил повлечен небескиот мандат.

Откако моќниот народен цар Мао Ѕедунг победи во граѓанската војна во 1949 година, кинеската комунистичка партија се обиде да ги отфрли таквите верувања како ненаучни суеверија. Откако дојде на власт во 2012 година, претседателот Си Џинпинг го поттикна заживувањето на дел од античките традиции и верувања. Но тој студиозно го избегна споменувањето на династичкиот циклус и небескиот мандат, особено затоа што во текот на изминатата година се зголемија традиционалните предзнаци.

Војната со најголемиот кинески трговски партнер, отворениот бунт во поранешната британска колонија Хонгконг и недостигот на свинско месо предизвикан од ширењето на африканската свинска треска традиционално може да се сметаат за кобни предзнаци дека се ближи крајот на династијата. Но секој од нив не е ни малку сличен со епидемијата на коронавирусот што се јави на крајот од минатата година, во градот Вухан во централна Кина.

Во историската пресвртница, во Вухан пукнаа првите пушки во востанието од 1911 година што го собори од престолот последниот цар од династијата Чинг. Денес е извор на страшната чума што веќе се рашири на целата територија од Кина и во светот, а исто така резултираше и со обид за најголем карантин врз 60 милиони луѓе.

Фактот што кинескиот авторитарен систем особено слабо се справува со вонредни состојби во јавното здравство, што бараат навремени, транспарентни и точни информации претставува уште позначаен предизвик од сите други со кои Си досега се соочи.

Ако вирусот престане да се шири во наредните неколку недели, тогаш сè уште постојат шанси Си да си го спаси угледот откако ги обвини провинциските функционери за кризата. Откако затвори огромни сфери од економијата за да го спречи ширењето на вирусот, тој дури може да побара поголем надзор и контрола врз кинеското општество. Но ако не успее брзо да се спречи ширењето на вирусот, ова може да биде еден вид на кинески Чернобил, кога пред сите ќе се обелодени апсурдот на автократијата.

Превод: Билјана Здравковска