Во говорот по повод 40-годишнината од воведувањето на економските реформи во Кина, кинескиот претседател порача дека на глобалната суперсила „никој нема да ѝ кажува што да прави“

Кинескиот претседател Си Џинпинг вети дека неговата земја нема да се развива на смета на другите земји. Во говорот по повод 40-годишнината од воведувањето на економските реформи во Кина, Си сепак порача дека на глобалната суперсила „никој нема да ѝ кажува што да прави“. Починатиот кинески лидер Денг Ксиопинг пред четири децении ја почна кампањата за реформи и за отворање на азискиот џин. Како резултат на тоа, Кина доживеа голем економски пораст и стана втората најголема економија во светот. Стотици милиони лица беа извлечени од сиромаштија, но во изминатите години Пекинг се соочува со сѐ поголем долг и со забавен економски пораст, пренесува Би-би-си.
Си истакна дека и покрај економскиот успех, Кина никогаш нема да се стреми кон глобална хегемонија, а истовремено, има голем придонес за заедничката иднина на човештвото.

– Пекинг е промотор на светскиот мир, бранител на меѓународниот поредок и има водечка улога во справувањето со климатски промени. Ако се земе предвид успехот на Кина, никој не е во позиција да му наредува на кинескиот народ што треба или што не треба да биде направено – додаде кинескиот претседател.

Според него, досега спроведени реформи претставуваат издигнување над „урнатините од минатите грешки“.

– Изминатите 40 години беа квантен скок за социјализмот со кинески карактеристики, период на големо подмладување на Кина во модерните времиња – истакна Си.
Кинескиот претседател не го спомена директно актуелниот трговски спор со САД, но го нагласи придонесот на неговата земја за економскиот глобализам и меѓународниот поредок. Спорот со САД доведе до спирала на тарифи и контратарифи, кои имаат потенцијални сериозни економски последици и за Пекинг и за Вашингтон, доколку не успеат да ги надминат недоразбирањата. Во октомври, американскиот потпретседател ја обвини Кина за серија нелиберални економски политики, истакнувајќи дека ништо не останало од славната политика на Денг Ксиопинг, додека Пекинг и натаму ги „шминка“ реформите.

Западот ја критикува Кина за сузбивањето на политичкото разногласие и за затворање стотици илјади муслимани без судење во западниот регион Ксинјанг. Кинеската милитаризација на островите во Јужно Кинеско Море предизвикаа загриженост помеѓу азиските соседи, кои стравуваат дека Пекинг се обидува да доминира со регионот. Критичарите исто така истакнуваат дека иако Кина помага во изградбата на многу потребната инфраструктура во Азија и во Африка, ги заглавува земјите со милијарди долари долг во обид да оствари стратегиско влијание.

Кинеските економски реформи беа иницирани од тогашниот лидер Денг во 1978 година, а програмата беше ратификувана на 18 декември истата година. Реформите ја оттргнаа земјата од старомодниот комунизам на Мао Ѕедунг, кога колективизацијата доведе до огромна сиромаштија и неефикасна економија. Трансформацијата се фокусираше на земјоделските реформи, либерализацијата на приватниот сектор, индустриската модернизација и отворањето кон меѓународната трговија. Но и покрај економските реформи, минатите децении не донесоа промена за ригидниот еднопартиски систем на комунистичко владеење во Кина, заклучува Би-би-си.