Медиумската куќа Си-Ен-Ен поднесе тужба против Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп поради одземање на новинарската акредитација на нејзиниот известувач од Белата куќа, Џим Акоста.

– Бараме од судот веднаш да донесе налог со кој ќе се бара да му се врати акредитацијата на Џим. Иако тужбата е специфична за Си-Ен-Ен и Акоста, тоа може да му се случи секому. Ако остане несанкционирана, тогаш Белата куќа ќе создаде опасен ефект на обесхрабрување на секој новинар кој ги покрива нашите власти, се наведува во соопштението на Си-Ен-Ен.

На новинарот Џим Акоста минатата недела му беше одземена акредитацијата за известување од Белата куќа, откако влезе во расправија со претседателот Доналд Трамп за време на прес-конференција. Кавгата се случи откако Акоста му постави прашање на Трамп за карванот мигранти кој се движи од Јужна Америка кон САД и кога се обиде на тоа прашање да додаде уште едно.