Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дријан ситуацијата на Блискиот Исток денеска ја оцени како „експлозивна“ и ги критикуваше САД поради едностраните чекори во тој регион.

– Ситуацијата на Блискиот Исток е експлозивна, се спроведува насилство, на повидок можеби е војна – изјави Ле Дријан пред пратениците во францускиот Парламент.

Францускиот министер за надворешни работи истакна дека безбедноста на Израел, за која рече дека Франција е посветена, не може да го оправда ова ниво на насилство.

– И Палестинците имаат право на мир и безбедност – изјави Ле Дријан, потсетувајќи дека правото на мирни протести е „основно право“. 

Тој оцени дека акцијата на израелската армија за време на вчерашните протести на Палестинците не било оправдана, ниту пропорционална.

– Хуманитарната ситуација во оваа зона во Газа треба да се земе предвид, каде мнозинството од населението живее во очај и безперспективност -заклучи тој.