Ситуацијата во некои делови од фронтот во зоната на конфликт околу Нагорно-Карабах останува напната, објави денеска Министерството за одбрана на Азербејџан, пренесува ТАСС.

– Општата состојба во насоките Агдере-Агдам и Физули-Хадрут на фронтот остана напната ноќта кон 13 октомври. Единиците на ерменските вооружени сили се обидоа да ги нападнат позициите на азербејџанската армија од некои насоки во мали групи – се вели во извештајот.

Во него се додава дека азербејџанските единици уништиле големо количество непријателска опрема, вклучувајќи три повеќеракетни лансери „БМ-21 Град“, еден ракетен систем за противвоздушна одбрана „Тор-М2КМ“, самоодни противвоздушни митралези „шилка“ и три беспилотни летала.

– Азербејџанската армија го набљудува хуманитарниот прекин на огнот и одржува оперативна предност по целата линија на фронтот – соопшти Министерството за одбрана.

На разговорите што се одржаа во Москва на иницијатива на Русија, Баку и Ереван се договорија за хуманитарен прекин на огнот, кој стапи на сила на 10 октомври во 12 часот по локално време со цел размена на притворените лица и телата на убиените во борбите.

На 27 септември Баку објави дека позициите на азербејџанската армија се интензивно гранатирани од Ерменија. Ереван, од своја страна, тврдеше дека вооружените сили на Азербејџан почнале офанзива во правец на Нагорно-Карабах гранатирајќи ги населените места на непризнатата република, вклучително и главниот град Степанакерт.

Двете страни пријавија жртви и меѓу цивилното население. Ерменските власти прогласија воена состојба и најавија мобилизација. Азербејџан воведе воена состојба на целата територијата.

Конфликтот меѓу Ерменија и Азербејџан за планинскиот регион Нагорно-Карабах, спорна територија што беше дел од Азербејџан пред распадот на Советскиот Сојуз, но главно населена со етнички Ерменци, избувна во февруари 1988 година кога автономниот регион Нагорно-Карабах најави повлекување од Советската Социјалистичка Република Азербејџан.