Во период кога сѐ уште актуелниот претседател Доналд Трамп ја оспорува победата на демократскиот кандидат Џо Бајден, во медиумите се навестува дека новата администрација веќе ги одбира клучните лица за најбитните државни позиции

Постизборни комбинаторики во САД

Додека сѐ уште актуелниот претседател Доналд Трамп не ги прифаќа резултатите од изборите во САД одржани минатата недела, новоизбраниот Џо Бајден веќе почнува да го формира својот тим за транзиција на власта во земјата. Како што објавија американските медиуми, она што најпрво ќе го направи Бајден по денот на неговата инаугурација, која, ако оди сѐ по планот, треба да се одржи на 20 јануари 2021 година, е формирање работна група на советници за борба против пандемијата на коронавирусот, која повторно се зголемува во САД. Според пишувањата, Бајден најави оформување тим што ќе биде составен од научници и експерти за справување со главниот предизвик со кој се соочуваат американските власти. Во меѓувреме, нејасната ситуација отвора прашања за тоа дали Трамп, кој јавно не ја призна победата на Бајден и тврди дека изборите биле украдени, ќе ги спречи демократите да формираат нова администрација. Сепак, Генералниот директорат за општи работи (ГСА), тело што е надлежно за официјална потврда на резултатите, истакна дека Бајден е избран за претседател, што, според американските медиуми, претставува почеток на транзицијата. Со тоа веќе на големо се работи на составување на работниот тим со кој ќе биде опкружен новоизбраниот претседател Бајден за време на неговиот четиригодишен мандат.

Кој сѐ влегува во тимот

Доколку се земе предвид дека има околу 4.000 политички назначувања што секој состав на Белата куќа треба да ги пополни, било во надворешната политика било во националната безбедност или некои други области, може да се претпостави зошто уште отсега Бајден размислува со кои луѓе ќе соработува. Како што јавува Си-ен-ен, од оние имиња што кружат во Вашингтон за најважните надворешнополитички позиции се споменуваат луѓе што се блиски на поранешниот претседател Барак Обама. Засега од она што е јавно е потврдена информацијата дека демократката родена во Оукленд, Калифорнија, Камала Харис ќе биде првата црна жена што ќе биде новиот потпретседател на САД. Американката со азиско потекло е поранешна сенаторка од Калифорнија и е истакната афроамериканска политичарка, која во минатото беше министерка за правда во истоимената сојузна држава шест години, а пред тоа беше окружна правобранителка во Сан Франциско. Харис важи за жестока критичарка на политиката на Трамп, по што минативе години беше и препознатлива во јавноста. Од друга страна, како што јавува РСЕ, за позицијата државен секретар влегуваат најмалку двајца демократски сенатори и еден професор што се заинтересирани за ова место. Едниот од сенаторите е Крис Кунс, кој во моментов е член на Комитетот за правосудство и на Комитетот за надворешни работи на Сенатот и се смета дека има предност, бидејќи е од матичната држава на Бајден, Делавер. Вториот, пак, е сенаторот Крис Марфи, кој моментално е во Комитетот за надворешни односи. Како име што исто така се споменува за оваа позиција е и Николас Барнс, професор на „Харвард“, кој во исто време е и надворешен советник на кампањата на Бајден.

Нов министер за одбрана

Микеле Флурној, кој беше потсекретар за одбрана на двајца различни секретари за време на администрацијата на Обама, се смета за водечки кандидат за преземање на функцијата во Пентагон. Како кандидати за оваа важна позиција во американската јавност исто така се споменуваат и Евелин Фаркас, висок функционер што ја надгледуваше политиката спрема Русија, Украина и Евроазија во Министерството за одбрана на администрацијата на Обама, но и Дерек Чолет, кој беше висок советник на двајцата секретари за одбрана на администрацијата на Обама и вработен во Советот за национална безбедност на Белата куќа.

ЦИА добива нов директор

Откако Мајк Помпео ја напушти американската разузнавачка агенција и стана државен секретар, Џина Хаспел, долгогодишна ветеранка, чиј мандат трае неколку децении, беше избрана за нов директор. Сепак, иако Хаспел е широко поддржана од персоналот на агенцијата, многу демократи се скептични за нејзиното учество во минатото во акциите за испрашување по терористичките напади на 11.9.2001. Меѓу најдобрите кандидати за да ја замени е Аврил Хаинс, поранешна заменик-директорка на ЦИА за време на администрацијата на Обама, првата жена што ја извршуваше функцијата во историјата на агенцијата. Хаинс беше меѓу оние што ја советуваа кампањата на Бајден, но и во исто време е заменик-советничка во Советот за национална безбедност на Обама.

Други поважни функции

Додека ова се некои од истакнатите надворешнополитички позиции во американската влада за кои се зборува во медиумите, сепак има многу други што исто така играат улога во одредувањето на меѓународната политика на САД, како на пример секретарот за финансии, здравство и националната безбедност, кои допрва ќе треба да се пополнат.
Во меѓувреме сѐ уште актуелниот претседател Доналд Трамп планира да организира масовни протести низ земјата, на кои ќе се буни против кражба на изборните резултати, а на демонстрациите е планирано да се прикажат некролози на луѓе што наводно „гласале“ на изборите, јави „Дејли мејл“. Интернет-страницата наведува и дека Трамп собрал досега најголем тим во историјата на изборите, со невиден број адвокати подготвени да ги поништат изборните резултати.